Поранешниот сопственик на фудбалскиот клуб Борец, бизнисменот Кочо Анѓушев и по два месеца од предавањето на клубот во рацете новите сопственици, не ги вратил парите кои ги ветил како спонзорство назад на сметката, иако тоа било договорено.
Ова за ММС го открија новите сопственици на клубот, кошаркарот Владимир Брчков и неговиот братучед, бизнисмен Марио Брчков, кои пред два месеца одлучија да му помогнат на прволигашот кој остана без сопственик по повлекувањето на Анѓушев.
– Првичниот договор со Кочо Анѓушев беше да ги откупиме акциите со нула денари надомест, но потоа беше побарано да платиме одредена сума на пари со цел компанијата Брако да го задржи позитивниот баланс. Требаше да платиме 25.000 евра за акциите преку лицитација. Потоа излезе дека треба да платиме 33.000 евра без наддавање на берзата со директна трансакција. Тој рече дека ќе задржи 6.000 евра, а останатите 27.000 евра ќе ги врати на сметката на клубот како спонзорство. Но, пари се уште нема – изјавија за ММС, Владимир Брчков и Марио Брчков, двајцата сопственици на Борец.
При преземањето на клубот, поранешниот вицепремиер во Владата на Заев, ги условил новите сопственици со неколку услови: прво да не го продадат клубот во следните три години, односно ако го продадат во следните три години, да му вратат половина од парите и трето, да потпишат дека ќе бидат петтиот клуб кој ќе го бојкотира првенството ако четири клуба го бојкотираат претходно.
Досега на сметката на ФК Борец нема легнато ниту денар од парите кои требало да ги врати бизнисменот, ниту од негова приватна сметка, ниту од сметките на некоја од неговите компании. А, Анѓушев наоѓал лични изговори за да ги избегне средбите со нив.
– Секој лично може да провери дека нема легнато пари на сметката на клубот. Ние обезбедивме пари за фудбалерите за до крајот на оваа сезона, но и парите од Анѓушев ни беа планирани во буџетот. Го повикуваме да ги врати парите затоа што тие средства не се за нас, туку за да може клубот нормално да функционира до крајот на сезоната – рече сопствениците и додадоа дека велешкиот бизнисмен ќе биде се уште добредојден во клубот доколку си стои на зборот.
Пред два месеца, компанијата Брако се повлече од натамошното финансирање на клубот и играчите беа информирани да си заминат како слободни фудбалери. Анѓушев неодамна на Собранието на Општинскиот фудбалски сојуз во Велес искажа незадоволство од состојбите во македонскиот фудбал и бараше ФК Борец да биде вклучен поактивно во општинското собрание, а со тоа и во највисокиот орган на ФФМ, во период кога федерацијата се подготвуваше за годишно изборно Собрание.
Орце Костов
фото: ФК Борец и Фејсбук