Главниот протагонист за идејата на Европска Супер Лига, претседателот на Реал Мадрид и претседателот на идното елитно натпреварување, Флорентино Перез, вчеравечер гостуваше во едно од најгледаните фудбалски шоуа во Шпанија, „El Chiringuito“. Човекот кој уште еднаш се исполни во улогата на монополизатор во светот на фудбалот, даде осврт и објаснување на новонастанатата лига.
Пандемијата на коронавирусот Перез ја искористи како оправдание за ваквиот „шверцерски“ потег, велејќи дека лошата финансиска ситуација во која се нашле топ клубовите во Европа, придонела кон здружување на силите во обид да стекнат финансиска стабилност и одржливост. Според Шпанецот кој неодамна по третпат го резервираше столчето како претседател на „кралскиот клуб“, фудбалот мора да еволуира, како и сите други останати работи во животот, а натпреварите во Супер Лигата кои нема да бидат многу интересни, можеби и ќе бидат временски скратени.
-Многу важни клубови во Шпанија, Италија и Велика Британија се обидуваат да изнајдат решение за излез од лошата финансиската криза. Единствениот вистински правец е играње повеќе компетитивни натпревари. На местото на Лигата на шампионите, ќе се игра Супер Лига која ќе ги врати загубите на клубовите и ќе им помогне да закрепнат. Ние во Реал Мадрид загубивме многу пари и поминуваме низ тежок период. Нема профит, нема компетитивни мечеви. Фудбалот мора да еволуира како и се останато во животот, мора да се адаптира на времето во кое живееме. Играта губи интерес, се намалуваат ТВ правата, изјави Перез.
Иако со самото тоа што 12 клубови секогаш ќе имаат право на настап во лигата и лигата барем по првичните нацрти нема да има клубови кои ќе испаѓаат од неа, претседателот Перез инсистира на тоа дека Супер Лигата не е од затворен тип и дека пет места отворени стојат на „масата“ за влез во истата.
Тој упати и жестока критика кон УЕФА, нивната нетранспарентност и монополот кој Европската куќа на фудбалот го воспоставила во изминатите две децении. Однесувањето на првиот човек на УЕФА, за него е неприфатливо, особено односот и коментарите на сметка на претседателот на Јувентус, Андреа Ањели.
Но, „дон Флорентино“, зборувајќи ентузијастично за проектот најавуван како најдоброто нешто што му се случило на играта и најдоброто нешто коа ќе го спаси фудбалот, набројувајќи ги учесниците во Супер Лигата, заборави на нивните имиња, а на клубот од северен Лондон, Тотенхем, заборави во целост, па новинарите мораа да му суфлираат и да го спасуваат од дополнителен срам.
😳 Florentino Perez struggled to name all six English clubs who have agreed to join the European Super League. pic.twitter.com/j2CHXAW9Qk
— Absolute Chelsea (@AbsoluteChelsea) April 19, 2021
-Оптимистично, сакаме со проектот да стартуваме во август годинава. Ќе разговараме и се надевам дека со УЕФА ќе постигнеме некаков договор. Реформи до 2024 година нема да чекаме, немаме време за тоа. Доколку не најдеме договор со УЕФА, тогаш нема да отстапуваме, одиме понатаму. Доколку младите луѓе сметаат дека некои натпревари се премногу долги и неинтересни, можеби ќе го скратиме времетраењето на истите, додаде Перез.
По новите реакции на ФИФА и УЕФА, британската влада предводена од Борис Џонсон директно се инволвираше во имплементацијата на овој проект. Од „Даунинг Стрит“ остануваат доследни на вчерашниот став дека Супер Лигата и нејзиното стапување на сцена мора да се превенира, а во таа намера Владата ќе ги искористи сите правни легислативи кои се на располагање. Фудбалот мора да биде во тесна корелација со навивачите, изворните места на тимовите, заедницата, луѓето. Идејата за Европска Супер Лига е дијаметрално спротивна на тие вредности, сметаат властите.
Фото:
lasexta.com
д.ј