Втор ден откако европските големци предводени од Флорентино Перез ја обелоденија одлуката за формирање на нова Супер Лига, паралелна на Лигата на шампионите и сите натпреварувања под палка на УЕФА, соопштенијата, реакциите, пораките, не стивнуваат. Напротив, од минута во минута целата проблематика добива поинаква форма.
Во текот на вчерашниот ден претседателот на Европската куќа на фудбалот, Александар Чеферин, јасно го искажа незадоволството и опонираше на концептот наречен Супер Лига, велејќи дека УЕФА нема да им дозволи на играчите кои ќе заиграат во таа лига, да настапат на Европското и Светското првенство, а тоа ќе претставува само дел од алатките кои оваа непрофитна организација ќе ги искористи во борбата против „бесмислената елитна идеја“.
Денес Чеферин уште еднаш зборуваше гласно на оваа тема, овојпат поддржан и од претседателот на ФИФА, Џани Инфантино. Словенецот на чело на УЕФА критиките ги адресираше кон англиските претставници Тотенхем, Челзи, Арсенал, Ливерпул, Манчестер Сити и Манчестер Јунајтед.
🗣”Gentleman you have made a huge mistake, what matters is there is still time to change your mind, everyone makes mistakes.”
UEFA President Aleksander Ceferin says it’s not too late for Premier League Big 6 clubs to change their mind on joining the European Super League pic.twitter.com/Ia4Xy3kxnT
— Football Daily (@footballdaily) April 20, 2021
-Господо, направивте огромна грешка. Некои ќе речат дека се работи за алчност, некои за презир, ароганција и препотентност, или пак комплетно непознавање на фудбалот и фудбалската култура во Англија. Она што всушност е важно е дека постои сè уште постои време да се промени мислењето во врска со Супер Лигата. Секој прави грешки, а англиските навивачи заслужуваат да го промените мислењето, изјави Чеферин.
Швајцарецот со италијански корени на чело на ФИФА, се најде на иста линија со неговиот „европски колега“, велејќи дека треба добро да размислат вклучените актери за своите постапки, бидејќи последиците ќе бидат несогледливи, а одговорноста само нивна.
-ФИФА сериозно се спротиставува на креирањето на Супер Лигата која всушност е затворена продавница, што ќе претставува оттуѓување од актуелните институции, лиги, асоцијации, УЕФА и ФИФА. Можеби ќе се добие некој краткорочен финансиски бенефит, но мора сериозно да се размисли. Мора да се размисли и за одговорноста. Ако некои одлучат да одат по својот пат, тогаш ќе мора да живеа со последиците од тој избор. Тие се самите одговорни за тоа, рече Инфантино.
Утрово англиските медиуми шпекулираа дека одредени клубови од „големата шестка“ веќе започнале да се предомислуваат околу идејата за партиципирање во Супер Лигата. Според „The Guardian“, Челзи и Манчестер Сити се наоѓале на „тенок лед“ и во голема мера се разубедувале за влезот помеѓу „12-те величествени“.
Фото:
cbssports.com
д.ј