Во акција на грчката полиција во Солун и Кукуш биле уапсени три лица, грчки државјани, членови на криминална мрежа што од Северна Македонија во Грција пренесувала оружје и дрога. Запленети се 55,5 килограми суров канабис, автоматска пушка, митралез и 139 куршуми, а идентификуван е уште еден член, јави дописничката на МИА од Атина.
Поконкретно, како што соопштија од грчката полиција, непознати членови на групата, во Грција од Северна Македонија внеле три торби со канабисот и оружјето, кои му ги предале на еден од уапсените, а тој, во поширокиот регион на Кукуш, торбите им ги предал на другите двајца уапсени.
Уапсените со две возила се упатиле накај со Солун, со цел да му ги предадат торбите на четвртото лице кое е идентификувано, но не е уапсено, меѓутоа биле спречени од полицијата.
Тројцата грчки државјани се товарат за внесување и транспорт на дрога и оружје, а полицијата пронашла и одзела 55,5 килограми суров канабис, една автоматска пушка, еден митралез, 139 куршуми, три возила, 3.350 евра и мобилни телефони.
Уапсените биле изведени пред јавен обвинител, а истрагата продолжува за пронаоѓање на останатите членови на криминалната мрежа.
МИА