Сенаторите Крис Марфи, демократ од Конектикат и Рон Џонсон, републиканец од Висконсин, предложија во Сенатот заедничка резолуција со која се поздравува и поддржува договорот за името меѓу Македонија и Грција и се изразува предупредување и загриженост поради руското мешање и обиди за негово поткопување, пренесува МИА.
Во резолуцијата 602 што пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот ја претставија давјацата сенатори, се вели дека премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас успеаја заеднички да постигнат историски договор за решавање на повеќедеценискиот проблем.
– Ако биде ратификуван, договорот ќе и го отвори патот на „Република Северна Македонија“ да се приклучи во НАТО и ЕУ, ќе ја острани ранливоста во Западен Балкан и ќе ја намали можностите за руско мешање. Русија се обидува да ја поддржи опозицијата за поткопување на договорот, на што Грција одговори со протерување четворица руски дипломати, се наведува во резолуцијата.
Сенаторот Марфи пред Комитетот истакна дека постигнатиот договор меѓу владите во Скопје и Атина треба да биде поздравен и оценет како голем дипломатски успех.
– Ништо нема да го запре Путин да предизвикува поделби меѓу земјите во Европа и на Балканот. Овој договор помага и за зацврстување на НАТО и на ЕУ, и ние сега мора да работиме заедно за да и покажеме на Русија дека нејзиното нелегално мешање во внатрешните работи на други земји нема да успее, рече Марфи.
Сенаторот Џонсон го оцени договорот меѓу Македонија и Грција како исклучително позитивен не само за двете земји, туку и за целиот регион.
– Им честитам на Македонија и Грција за постигнатиот договор што го решава проблемот со името и и овозможува на Македонија да тргне напред и да се приклучи во НАТО, кажа Џонсон.
Резолуцијата за договорот меѓу Македонија и Грција е поддржана и од сенаторите Крис Кунс, Марко Рубио, Едвард Марки, Џон Барасо, Џин Шахин и Џим Риш.
Во документот поддржан и од републикаците и од демократите во Сенатот, се бара од Македонија да продолжи со имплементирање на реформите важни за членство во НАТО и ЕУ, особено поврџани со владеењето на правото, борбата против корупцијата и заштита на слободата на изразување.
Воедно, се бара од Стејт департментот на САД, од Одделот за трговија и другите релевантни агенции да ги поддржат американските компании кои се заинтересирани да инвестираат во Македонија и Југоисточна Европа.
Извор:МИА