Временските услови не се наклонети на земјоделското производство. Имаме лош старт на вегетацијата поради честите температурни осцилации. Кај многу култури веќе има мрзнење, ваква е оценката на професор д-р Ристо Вучков за новата реколта на земјоделски производи во земјава. Тој нагласува дека се по изразените климатски промени веќе се чувствуваат и во нашата земја и прават директни штети во производството на храна.
-Сите култури во рано градинарското производство се расадени на отворено. Кога имаме температура под 0 степени, водата ја менува агрегатната состојба и мрзнењето е неминовно. Било кој цвет на температура под 0 доживува стрес, бидејќи толчникот и прашниците се нежна творба, што дури и на +5 степени доживуваат стрес. Штом е под нула, таа слана, тој мраз не може да дозволат да има плод. Или ако има некој плод тој ќе биде неквалитетен оценува овој експерт и додава дека иако се очекуваа пообилни врнежи од дожд и снег тоа не се случи. Во текот на летните месеци, вели, можно е да нема доволно вода за наводнување, поради полупразните акумулации. Временската состојба е воопшто не поволна. Очекувавме врнежи од дожд и снег но, наместо тоа ни дојдоа само ниски температури. Полскиот воден капацитет е уште на многу ниско ниво, акумулациите имаат не значително зголемување. Се уште ни требаат врнежи. Во мај ние ќе имаме врнежи од дожд, меѓутоа да не биде од лошото полошо. Ако имаме континуитет од врнежи кога културите се во развој, ќе имаме поголема потреба да пестициди, бидејќи поради влагата ќе има и развој на болести и штетници, вели професор Вучков.
Поради ниските температури кои се спуштија неколку степени под нулата на почетокот на април во росоманско, настрадаа големи површини под кајсија и праски. Овие производители по се изгледа годинава нема да наберат ниту еден килограм за своја потреба. Пролетниот мраз веќе неколку години пред време го собира родот на овие овошни култури во тиквешкиот регион.
Ангел Данов