Уште откако се породила во септември ланската година, Кристина Трајковска од Прилеп поднела документи за да го запише своето дете во градинка. Сепак таму нема место за нејзиното бебе, а таа и сопругот не се во можност да платат дадилка за чување. Бидејќи малата Софија ќе нема кој да ја чува откако наскоро ќе истече платеното породилно отсуство на Кристина, оваа млада мајка се’ поизвесно е дека ќе мора да се „збогува“ со своето работно место. Таа е една од мајките кои се ставени во ваква незавидна ситуација, бидејќи децата нема кој да им ги чува, а од градинките им велат дека нема место.
Мајките се здружија и заеднички почнаа со петиција барајќи од надлежните да им го продолжат платеното породилно отсуство.
-Бараме продолжување на платеното породилно отсуство во услови на пандемија поради неможност градинките да ги згрижат сите деца чии мајки треба да се вратат на работа по истекот на истото, како и поради ризик од ширење на инфекцијата помеѓу оние деца кои евентуално би тргнале во градинка – се вели во онлајн петицијата, која досега ја потпишале над 1600 граѓани.
За аргументите на оваа тема, ММС разговараше со Трајковска.
„Јас уште еден месец треба да тргнам на работа, а градинките не примаат нови деца, посебно во јаслите. Ми велат дека нема место, но од друга страна јас како мајка не сакам во услови на пандемија детето да ми е изложено на ризик. Пари за дадилка немаме, имам свекрва, но и таа оди на работа. Породилното отсуство ми е до 14-ти мај и ако не биде продолжено ќе морам да си дадам отказ, а и 80 проценти од другите мајки на породилно ќе мора да го направат истото. Конкретно во нашиот случај сопругот не може да си даде отказ бидејќи неговата плата е поголема, значи најлогично е јас да напуштам работа за да го чувам детето“, ни раскажа Кристина.
Од градинката каде таа поднела документи и’ рекле дека работат со намален капацитет и дека ќе ги викнат ако се отпише некое дете, но листата на оние кои чекаат е долга. Ова е проблем кој засега голем дел од родителите, кои освен преку петиција решија да се мобилизираат и со адресирање на нивните барања, а тие веќе се испратени не само до Министерството за труд и социјална политика, туку и до Министерството за здравство.
„Ние бараме да се продолжи породилното, барем додека е пикот на пандемијата. Секако дека сакаме да си одиме на работа, но сакаме и да си ги заштитиме децата или нека бидат обезбедени капацитети за сите деца. Пишавме повеќе пати и до министерката Шахпаска, пишавме и до министерот Филипче. Бараме средби, но никој ништо не ни враќа“, додава Кристина.
-Во услови на пандемија, како што и сами знаете градинките работат со намален капацитет. Едноставно нема место и не примаат деца. Немаме сите можност за приватна градинка и ангажирање дадилка, иако и ова во услови на пандемија е небезбедно и непрепорачливо решение. Јасно е дека не сите имаме родители кои можат да ги чуваат децата. Некои одат на работа, некои воопшто не се наоѓаат во истиот град и многу други причини. Како резултат на претходно наведеното, многу мајки беа доведени во безизлезна ситуација и приморани да си дадат отказ – гласат барањата кои мајките ги испратиле до институциите. Тие од нив бараат разбирање и поддршка за да, како што велат, ги заштитат најмалите и најранливите.
-Се надеваме дека ова ќе биде решено во најбрзо време, бидејќи многу од нас се соочуваат со притисоци за враќање на работа од една страна, а не се нуди никакво решение за гореспоменатите проблеми од друга страна – појаснуваат мајките кои дискусијата на оваа тема ја водат и на социјалната мрежа Фејсбук каде ја формираа и својата група Исплата на породилно/продолжено отсуство.
Во меѓувреме, тие наидоа на поддршка од Сојузот на синдикатите на Македонија.
Посебна грижа како ССМ, посветуваме на ранливата категорија на населението, жените, долгорочно невработените, лицата со попреченост и сл. ССМ во целиот изминат период, уште од самиот почеток на здравствената криза бара и се залага за посебна заштита за оваа категорија на работнички и поради тоа беа и воведени одредени мерки кои очигледно е потребно да продолжат, велат од Сојузот.
МТСП: Градинките се отворени и работат, препораки за продолжување на породилното отсуство нема
Македонски медиа сервис се обрати за коментар и од МЗ и од МТСП. Од Министерството за здравство кусо одговорија дека ова прашање се однесува на регулацијата на правата од работен однос и како такво е под надлежност на ресорот Труд и социјална политика.
Оттаму нагласуваат дека министерката Шахпаска немала посебна средба со родителите кои изминатиов период бараат продолжување на породилното отсуство, но потсетуваат дека присуствувала на средбата во Владата во септември, кога исто така се разговараше на оваа тема.
Министерката Шахпаска заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за здравство Венко Филипче разговараа со претставници на мајките кои протестираа против нивното враќање на работа и прекин на продолженото породилно отсуство. Само за потсетување, исходот од таа средба беше дека со отворање на детските градинки на 09.09.2021 година и можноста децата да бидат згрижени во градинките, продолжување на породилното отсуство стана беспредметно. Исто така, за повторното функционирање на градинките беше донесен Протокол кој предвидува строги и задолжителни мерки во работата на градинките, а се во насока на заштита на здравјето на вработените и децата во нив – се вели во дописот од МТСП до ММС.
Од Министерството тврдат дека будно ја следат состојбата во градинките и оценуваат дека таа е стабилна. Коментирајќи го аргументот на мајките дека нема доволно места во градинките, од оваа институција велат дека според мислењето на Комисијата за заразни болести, зголемување на бројот на деца во воспитните групи не треба да има.
Во земјава згрижувачко-воспитната дејсност се реализира во вкупно 75 јавни установи за деца со 319 објекти. Согласно Протоколот за активности во установите за згрижување и воспитание на деца којшто е усвоен од страна на Владата во рамки на детските градинки можат да се згрижат вкупно 21.365 деца.
На 15 април оваа година дневното присуство на згрижени деца изнесува 13 816 деца – велат од МТСП од каде испратиле препорака до јавните детски установи за отворање на нови воспитни групи, доколку објектот има можност за просторна адаптација во самата градинка.
Со тоа се овозможува опфат на повеќе деца во градинките и истовремено им се излегува во пресрет на родителите. Но, исто така МТСП апелираше и до родителите кои не ги носат своите деца во градинка, а го држат местото зафатено, да го ослободат, а со тоа дадат предност на оние родители кои имаат навистина потреба од згрижување и престој на нивните деца во градинка – се додава во одговорот.
Од ресорното Министерство планираат до крајот на оваа година да се отворат 13 нови детски градинки со дополнителен капацитет од 1408 деца, а потсетуваат дека изминатите седум месеци отворени се 11 нови градинки со капацитет од 670 деца. Оттаму ни одговорија дека имајќи ја предвид епидемиолошката состојба и фактот дека градинките се отворени и работат, препораки за продолжување на породилното отсуство нема. Уверуваат дека состојбата во градинките е стабилна, а контатирано е дека од 09.09.2020 до 16.04.2021 година вкупно 193 деца и 998 вработени се евидентирани дека биле позитивни на ковид-19.
Активни има вкупно 186 вработени и 51 дете кои што се позитивни на ковид-19, а истите се во домашна изолација, додека 92 згрижувачко воспитни групи, (770 деца) и 110 вработени се во изолација.
Од 09 -16 април година од градинките е пријавено дека има вкупно и 34 вработени и 8 деца кои што се позитивни на вирусот.
Од 09-16 април годинава од градинките е пријавено дека од изолација се вратени 365 деца и 44 вработени, покажуваат податоците согласно евиденцијата којашто ја води МТСП.
Вања Мицевска