Илинден е крикот на поробениот Македонец, тоа е жедта за слобода и човечки правдини. Природниот стремеж за своја држава на секој Македонец. Илинден е вознесот на една столетна борба на обесправениот народ, каде саможртвата е нужност тогаш кога борбата е единствениот начин до целта, истакна во своето обраќање на партискиот собир во струшко Ташмаруништа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски.
Основната порака денес, рече тој, симплифицирана, поедноставена е дека живееме една скапа слобода испишана со човечки жртви која мораме задолжително да ја сочуваме, а тоа пред се зависи од нас.
– Илинденците ги поставија темелите, нивните наследници партизаните продолжија со градба, наша должност е да ја зачуваме оваа држава која е составена од човечки судбини, страдања и премрежја, наша должност кон нашите предци илинденците и тие пред нив и тие по нив партизаните е да изградиме иднина на која тие би се гордееле, а тоа е слободна, независна и просперитетна Република Македонија, рече Мицкоски.
Коментирајќи ја актуелната политичка состојба во земјава Мицкоски рече дека премиерот и владата, како што кажа, „силно се удираат во гради“ дека биле за ЕУ, а дека сите останати што „не ја споделуваме нивната капитулација“ не се за ЕУ. Според Мицкоски повиците за сплотеност и обединост од власта се само зборови, а делата се сосема поинакви.
– За каква сплотеност се работи кога на сила без консултации туркаат референдумско прашање за смена на името, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Според него, говорењето за ЕУ не го прават човек европеец туку делата, посочувајќи дека во ЕУ најблиските соработници на премиерот не си делат милионски тендери, нема случаи како аферата криминални иновации…
Тој подвлече дека неговата партија е за вистинска ЕУ со сите вистински вредности и можности кои ги нуди.
– Не можат да го сокријат ниту еден од апологетите кои секојдневно критикуваат, спинуваа, сеат невистини и магли, шпекулации дека еве ќе сум променил став, ќе сум потклекнел на притисоците доколку ги имало, дека сум бил маша на политиката. Не можат да го сокијат ниту оние злонамерници коишто не му мислат добро на ВМРО-ДПМНЕ и Македонија. Критикуваат, лажат, измислуваат, конструираат, а се со една цел, како капитулацијата да ја претстават како триумф, лагата да ја претстават како вистина, а шансата да ја претстават како избор помеѓу иднина или изолација, рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ упати порака, до како што рече, сите оние кои велеа дека во изминатиот период партијата имала млаки ставови посочувајќи дека ќе ги демантираат секој ден се додека не сфатат дека жестоко ги потцениле.
– Ние во оваа битка не влеговме за да коленичиме пред канцелариите и да реализираме некаков интерес или некакво место во извршната власт, рече тој додавајќи дека за Република Македонија немаат намера да прават компромис.
Илинден, додаде, можеби е најважниот камен темелник на Република Македонија врз кои е изграден нашиот заеднички дом на сите нас, на Македонците, Албанците, Турците, Ромите, Србите, Бошњаците, Власите, и сите останати.
– Тоа што е втемелено пред 115 години никој не може да го избрише, рече Мицкоски во Ташмаруништа.
Извор: МИА