Турската студентка Черен Јилмаз го соборила рекордот на ресторан во Анталија кога изела 255 шиш ќебапи за само 23 минути.
Јилмаз, која тежи 40-ина килограми, испила три чаши ајран, две шишиња вода, а јадела и салата при поставувањето на рекордот. Вкупно 21 студент се натпреварувале во јадењето шиш ќебапи, а Јилмаз за победата добила мобилен телефон и златен накит вреден 55 евра, како и право бесплатно да јаде во ресторанот во следните четири месеци.
Студентката изјавила дека се пријавила на натпреварот за да им покаже на сите што ја исмевале за недостигот на килограми.
– Тежев 47 килограми по натпреварот. Се здебелив за половина час, изјави таа. Досегашниот рекорд го држела Бурса Канимогла, со 194 шиш ќебапи изедени за 18 минути.
Сопственикот на ресторанот Илијас Демир вели дека следниот натпревар ќе биде за мажи, од кои ќе се бара да изедат над 300 шиш ќебапи.
Извор: МИА