Во Собранието денеска ќе има уште еден обид да бидат изгласани законите од петтиот антикризен пакет со што тој треба да стане функционален. На веб страницата на Собранието во 14:15 часот е закажана 36. пленарна седница на чиј дневен ред се законите од петтиот пакет, а претходно во 14 часот е закажана 32. седница.
Законите од петтиот пакет се очекуваше да бидат изгласани во четвртокот, координаторите на пратеничките групи, дел од пратениците и претседателот на Собранието повеќе од два часа се расправаа дали да се гласа по точките од 32. седница и потоа да се продолжи 36. седница или да се одложи гласањето поради немање кворум и да се продолжи со 36. седница.
Законите од петтиот пакет подолг период се заглавени во Собранието, а од овие закони зависи исплатата на платите за февруари и март, како и финансиската поддршка за економските оператори за излез од кризата предизвикана од пандемијата.
Што поскоро донесување на законите од петтиот пакет мерки бараат и бизнисмените и синдикатите.