Иван Чорбев: Пандемијата моментално ја предводи дигитализацијата во светот па и во Македонија (видео) – ММС
ММС

Објавено на: 04/17/21 1:19 PM

Иван Чорбев: Пандемијата моментално ја предводи дигитализацијата во светот па и во Македонија (видео)

Во Македонија се врти еден виц во кој на прашањето „Кој ја предводеше дигитализацијата во вашата компанија?, одговорот е „па корона вирусот“, вака деканот на ФИНКИ, Иван Чорбев пластично го објасни процесот на дигитализација изминатата година во светот , па и во Македонија при неговото гостување во емисијата Стадион на Канал 77.

,,Ако степенот на дигитализација и воведување на електронски сервиси или  далечинско образование порано се одвиваше на некое полубавно темпо во секоја држава, корона вирусот ги забрза тие процеси. Дури и кај нас, кои бевме пионери, долго време спремавме видео лекции за да ги имаат студентите на располагање, но не ги правеме, немаше доволно притисок за тоа. За една недела лани кога се забрани физичката настава, се организиравме да ги обезбедиме“, изјави Чорбев.

Во врска со идните професии во ИТ индустријата , Чорбев вели дека тие на студентите кои се запишувале им кажувале дека кога ќе завршат ќе работат на работни места кои што во тој момент се уште не се измислени.

,,Новите работни места мора да бидат композитни. Програмерот не може да биде сам затворен и само да програмира, мора да има интеракција со клиентот. Ако се работи софтвер за медицина , мора да се запознае со потребите на лекарите, ако се работи за софтвер за банка, да се запознаат за потребите и работата на банкарите. Програмерите треба да бидат сестрани луѓе. Митови се тие информации дека тоа се луѓе затворени во една соба, изолирани и со дебели очила,“ изјави Чорбев при денешното гостување во емисијата Стадион.

Тој потврди дека факт е оти информатичарите „бегаат од државата“, но според него платата не причината за тоа. Овој сектор е најплатен , платите се движат од 65.000 денари до над 150.000 денари за поискусните програмери. Тие имаат и други привилегии, што едноставно се незамисливи во други професии.

Најчесто причината за нивното заминување според Чорбев е неперспективноста и лошата атмосфера во државата.

„ Но овие состојби не се карактеристични само во македонија, миграции има и во другите европски земји. Од источна Европа преминуваа во западна Европа, од тука во Америка, во Силиконската Долина,“ изјави Чорбев при денешното гостување во Стадион.

Факултетот ФИНКИ  одбележа 10 години од своето постоење, но сепак се уште нема своја сопствена зграда.

„ Пред 10 години МОН започна со градба на зграда на факултетот, беа удрени темелите, беше изградено до некаде, но изведувачот банкротираше и работите престанаа. Се надевам дека ќе се најдат сили и средства да се распие нов тендер , да продолжи градбата и конечно факултетот да добие сопствен простор,“ додаде Чорбев.