Македонците потрошиле 229,6 милиони евра во вкупно 7,3 милиони онлајн трансакции во текот на 2020 година, а најчесто пазарувале во Велика Британија и Унгарија. Во текот на 2020 година македонците реализирале 167,3 милиони евра кон домашни е-продавници, што претставува 73% во вкупната вредност на онлајн трансакции. Со домашни платежни картички во странство, во 2020 година реализирани се вкупно 2.8 милиони онлајн трансакции со вкупна вредност од 62,3 милиони евра, наспроти 100 милиони евра во 2019 година што претставува пад од 17,9% во бројот на трансакции и 38% во вредноста на трансакциите.
Македонските е-купувачи најмногу трошеле на спортска опрема и облека и за време на пандемија, а истиот тренд го имало речиси кај сите европски потрошувачи. Во 2020 година поради рестрикциите на движење и затворените објекти за пазарење, граѓаните го зголемиле онлајн купувањето со достава до дома. Купувањето на храна бележи најголем раст, исто како и медицинската опрема и телекомуникациските услуги, а пад е забележан кај електронската опрема.
Трговците велат дека најмногу се трошеле пижами, тренерки и патики со оглед на тоа дека голем дел од луѓето работеле онлајн од дома, дел од нив ја прележаа болеста во домашни услови и минуваа доста време во изолација, а дел од нив можеа да движат само по планински места за да избегнат меѓусебно групирање. Затоа пак, паднала продажбата на свечени или класични обувки и облека за посебни церемонии затоа што цела година не работеа рестораните за организирање на свадби, а матурските забави беа одложени.
Асоцијацијата за е-трговија го анализираше бројот и вредноста на реализирани онлајн трансакции со домашни платежни картички, согласно податоците од Народната банка, кон странски е-продажни места со цел да се креира слика каде најчесто Македонците купувале онлајн во текот на 2020 година.
„Падот е очекуван ако се земе предвид дека поради пандемијата не се патува, па трансакциите за авио-билети и резервации на хотели се драстично намалени“, коментират од Асоцијацијата за е-трговија.
Од вкупниот износ во вредност од 62,3 милиони евра кои македонците во текот на 2020 година го потрошиле онлајн за пазарење во странство странство, дури 73,6% од вредноста на трансакциите се реализирале во корист на ТОП 10 земји.
Најмногу онлајн плаќања Македонците реализирале кон Обединето Кралство, Унгарија и Ирска и тоа до некаде е и очекувано имајќи предвид дека од овие земји потекнуваат Amazon UK, ASOS (Обединето Кралство), WizzAir (Унгарија) и Facebook, Google (Ирска).
Најголем број на трансакции со домашни платежни картички (вкупно 547.713) се реализирани во корист на веб продавници од Луксембург каде што е регистрирана европската филијала на Amazon преку која се одвиваат трансакциите за најголемиот дел од Европските земји, без Обединето Кралство.
За разлика од претходната година, значително е намален бројот на плаќања кон компании регистрирани во Обединето Кралство и Унгарија поради драстичното намалување на патувањата и користењето на авио транспортот.
Од аспект на вредноста на трансакциите, просечна трансакција со платежни картички од земјава кон Обединето Кралство изнесува 1.530,00 денари и кон оваа земја е реализиран најголем износ на плаќања. Највисока просечна вредност се евидентира од плаќањата кон Унгарија, каде доминираат плаќања кон WizzAir и просечната вредност изнесува 5.566,00 денари, додека најмала просечна вредност се евидентира кон Луксембург на износ од 645,00 денари.
Орце Костов
Фото: freepik.com