И во второто по квалитет клупско европско натпреварување, добиени се двојките од полуфиналето. Со исклучок на големата победа на Арсенал на гостувањето во Прага, вечерашните крајни исходи во голема мера беа очекувани. Манчестер Јунајтед, Виљареал и Рома уште на првите натпревари на гостински терен забележаа триумфи, а само Рома „висеше“ против холандскиот шампион до последниот свиреж на судијата.
„Топџиите“ одлично го искористија отсуството на неколкуте првотимци на Славија Прага и целосно му се одмаздија на тимот кој покрај Динамо Загреб и Гранада беше едно од поголемите изненадувања во оваа кампања. Клубот од северен Лондон безкомпромисно тргна во дуелот и веќе по 20 минути имаше водство од три гола разлика.
https://www.youtube.com/watch?v=oZ5OirzFTR8
Практично секој шут кон голот на Колар во првиот дел заврши позади неговиот грб, а Емил-Смит Роу во 14-тата минута за првпат се запиша во листата на стрелците на мечот. За жал, по консултацијата со ВАР-системот неговиот погодок беше поништен, но на Арсенал не му требаше долго и во 18-тата минута Пепе токму по додавање на Смит-Роу му донесе предност на некогашниот финалист во ЛШ. Три минути подоцна Лаказет од белата точка го удвои водството, а во 24-тата минута Букајо Сака се врати во голгетерска форма и го оконча двомечот. Лаказет при крајот на двобојот дополнително ги зголеми маките на чешкиот првак, постигнувајќи и четврти погодок.
Виљареал за разлика од Тотенхем не настапи потценувачки во двата дуели со загрепски Динамо и на искуство го совлада повторно хрватскиот претставник. Единствената светла точка кај гостите беше фантастичниот Мислав Оршиќ кој во 74-тата минута по додавањето на повратникот Бруно Петковиќ го ублажи поразот и се опрости од сезоната за паметење. Претходно, Пако Алкасер и Џерард Морено во финишот на првите 45 минути ја протнаа топката во мрежата на Домагој Ливаковиќ и закажаа полуфинале со англиски Арсенал.
На „Олд Трафорд“ очекуван тек на натпреварот, очекуван резултат. Манчестер Јунајтед со истиот резултат од минатата седмица во Шпанија го порази тимот што слави 90 години од своето постоење и за првпат игра сезона во некое европско натпреварување. Гранада треба и мора да е горда на прикажаното во сезоната 2020/21 во Европа Лига, но второпласираниот во Премиер Лигата сигурно е голем залак за малиот шпански колектив. Едисон Кавани во осмата минута ја зачува голгетерската форма од дуелот со Тотенхем и го матираше Руи Силва, а некогашниот дефанзивец на Реал Мадрид, Хесус Ваљехо, во последните мигови од соочувањето центаршутот на Алекс Телес го пренасочи во својот гол.
https://www.youtube.com/watch?v=TA7F4KQ1jXc
Рома на „Олимпико“ остана непоразена и имуна на силните напади на Ајакс, зачувувајќи го 1:2 водството од Амстердам. Како и секогаш напаѓачки ориентирани, момците на Ерик Тен Хааг тргнаа по победа и потенцијално полуфинале со Манчестер Јунајтед. Сепак, недоречените напади и слабиот завршен пас во последната третина од теренот, го чинеа европскиот гигант шанса за нов трофеј во своите ветрини. Брајан Броби, од лето новиот фудбалер на Лајпциг, инстантно по влегувањето од клупа му донесе водство од 0:1 на Ајакс. Тадиќ во 56-тата минута постигна вреден гол кој беше поништен поради офсајд, а непишаното правило уште еднаш им пресуди на Холанѓаните. Малото невнимание во одбраната „стариот лисец“ Един Џеко максимално го искористи, поставувајќи го конечниот 1:1 резултат на семафорот.
Првите дуели од полуфиналето во Европа Лига место ќе заземат на 29 април, додека пак реваншите ќе се одиграат една седмица подоцна на шести мај.
Фото:
Twitter / @Squawka
Twitter / ASRomaEN
д.ј