Живеачката се’ поскапа, цените растат, а пазарните инспектори ненадлежни да ги контролираат – ММС
ММС

Објавено на: 04/14/21 7:07 PM

Живеачката се’ поскапа, цените растат, а пазарните инспектори ненадлежни да ги контролираат

Државниот здравствен и санитарен инспекторат нема ингеренции да ги контролира цените на услугите што се нудат во приватните лабаратории. Оваа институција не може да одреди најниска или највисока цена на лабараториските услуги – изјави денеска директорката, Ирина Сотирова Бухова одговарајќи на новинарско прашање дали може да се направи интервенција во однос на цените.

Со ваков сличен став е и директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски во однос на цените на производите во маркетите.  Прашан дали Инспекторатот може да интервенира поради покачените цени и да констатира дали покачувањето е основано, тој посочи дека во услови на пазарна економија секој си ги одредува цените според трошоците, побарувачката и потрошувачката.

„Државниот пазарен инспекторат врши контрола на цените, меѓутоа само на оние цени кои се на државно ниво донесени како заштитени цени, или ограничени. Во трговијата на мало најголемиот број на производи кои се со покачени цени овој период, немаме надлежност да ги контролираме“, истакна Пауновски.

Дека и покрај пандемијата, цените растат, пред околу една недела потврдија податоците на Државниот завод за статистика, од каде пресметаа дека за една година цените пораснале за 2,6 проценти. Најголемо поскапување се забележува кај овошјето и зеленчукот, но и кај маслото за јадење од кое еден литар сега чини 100 денари, за разлика од лани кога овој производ можел да се купи и за 75 денари. Анализите на Сојузот на синдикати пак, покажуваат дека во март минималните трошоци на едно семејство со четири члена изнесувале 33.772 денари односно за 70 повеќе во однос на февруари и за 122 денари повеќе споредено со јануари.

Три угостители објекти затворени, инспекторите внатре затекнале гости и покрај забраната 

Настрана од немањето ингеренции за влијание врз цените во трговијата на мало, пазарните инспектори во последната недела извршиле 4591 контрола и 623 надзори – сите поврзани со почитување н на протоколите за работа на угостителските објекти. Изречени се 25 прекршочни пријави, 107 решенија за констатирани неправилности и 67 платни налози. За ова денеска информираше, претседателката на Инспекцискиот совет Магдалена Филиповска Грашкоска.

„Од вкупниот број на изречени решенија, 3 се донесени поради непочитување на новите мерки за забрана за прием на гости во Струга, Битола и Гостивар. Затворени се на лице место и изречени им се прекршочни платни налози. Од 1-ви март досега пазарните инспектори затвориле 36 угостителски објекти поради прекршување на здравствените протоколи и закони, односно поради организирање настани, свадби, прослави, групирање и слично. При сите овие затворања, оставени се и прекршочни платни налози во зависност од големината на субјектот“, изјави таа на денешната прес конференција. Ваквите активности на терен се дел од вкупно 6038 надзори и контроли, кои ги спровеле сите инспекциски служби во државава.

„Државниот санитарен и здравствен инспекторат во текот на минатата недела изврши 90 надзори врз основа на кои изрече 15 решенија, но овој Инспекторат издава и решенија за самоизолација. Здравствените инспектори издадоа 11 962 решенија за домашна изолација или за 2000 решенија помалку споредено со претходната недела“, истакна Филиповска Грашкоска.

Таа додаде дека Инспекторатот за транспорт извршил 52 надзори, при што изречени се 14 прекршочни пријави и 3 решенија.

„Во однос на протоколите за превоз на патници, инспекторите констатираа во 3 случаи неправилности кога станува збор з амеѓународен превоз на патници, за што поднесени се 3 прекршочни пријави“, појасни претседателката на Инспекцискиот совет.

Во меѓувреме,  Инспекторатот за труд извршил  397 надзори врз различни правни субјекти на територија на целата држава со фокус на почитување на протоколот за превентивни мерки.

Изречени се 22 решенија, од кои 19 за непочитување на протоколот за сите работни места – објасни Филиповска Грашкоска.

„Агенцијата МАЛМЕД спроведе 13 надзори и не се констатирани неправилности. Агенцијата за храна изврши 229 надзори. Државниот инспекторат за животна средина изврши 43 надзори, а за утврдените неправилности донесени се 7 решенија“, изјави Филиповска Грашкоска.

„Со 2 решенија се наредува на правни лица да извршат мерење на емисии во воздух и води, 4 решенија се однесуваат на јавни комунални претпријатија кои се  задолжени да применат минимални технички услови на непрописните депонии на кои го одлагаат отпадот  и со 1 решение издадена е забрана за производство на електрична енергија додека да се постигне кота на езерото што ќе овозможи користење на вода за наводнување на земјоделските површини во регионот“, додаде претседателката на Инспекцискиот совет.

Таа додаде дека инспекциските служби и во следниот период продолжуваат со интензивни контроли и надзори на терен, но и со санкционирање на сите оние кои ги прекршуваат здравствените протоколи и мерки.

Почитувањето на здравствените протоколи и мерки е клучно за заштита на јавното здравје и надминување на оваа здравствена криза, и затоа нема компромис кога е во прашање заштитата на здравјето на граѓаните, односно, секој кој нема да ги почитува мерките ќе сноси одговорност – порача Филиповска Грашкоска.

 

В.М