Откако ќе се изгласа Законот за здравствена заштита со измените и дополнувањата, пациентите во приватните болници кои се лекуваат од Ковид – 19, ако е комплексно лекувањето и долго трае, максималната сума што треба да ја плати е 300 илјади денари, информира денеска министерот за здравство Венко Филипче.
– Станува збор за сума што пацинетите ја плаќаат во приватните болници, а таму заминале на своја волја да се лекуваат, како што тоа го прават сега, а плаќаат голема сума пари. Ако треба ние да ги користиме како држава ресурсите на приватните болници, тогаш за тие ресурси не наплаќаме никаков надоместок кон приватните болници, а Фондот си ја презема услугата на плаќање. Таква ситуација засега нема, појасни Филипче по барање на новинарите откако денеска ја посети Арената „Борис Трајковски“ каде во тек е вакцинирањето против коронавирусот.
Во истовреме, Владата планира преку кампањи да ја подигнува свеста на граѓаните за потребата од имунизација, изјави министерот за здравство Венко Филипче, кој информира дека досега на веб страницата за вакцинација се пријавиле околу 140.000 лица.
– Планираме да почнеме со кампањи. Дел од нив се подготвени, другите се подготвуваат. Повторно ја користам оваа можност да апелирам до сите граѓани да се пријават на веб-страницата „вакцинација.мк“. За неколку дена ќе има надградување на системот, во однос на добивање известување преку СМС-порака откако граѓаните ќе се пријават и на истиот начин ќе бидат информирани и за терминот за вакцинација, соопшти Филипче.
Орце Костов