Системот не смее да дозволи недостиг на инсулин, велат дијабетичарите и со позајмување сами се снаоѓаат – ММС
ММС

Објавено на: 04/14/21 7:09 PM

Системот не смее да дозволи недостиг на инсулин, велат дијабетичарите и со позајмување сами се снаоѓаат

Дијабетичарот треба да биде дисциплинирана личност. Да јаде почесто, но помалку,  а исхраната да се заснова на овошје и зеленчук. Дијабетичарот треба да биде физички активен, барем секој ден да оди на пешачње. Вака накратко го опишува животот со шеќерна болест, скопјанката Татјана Андоновска Петровска.  Таа веќе 11 години живее со дијабет тип 2, болест која ја имаат и други членови на нејзиното семејство. Во последните 7 години Татјана е со инсулинска терапија, која ја прима наутро и навечер.

Инсулинот кој го има во моментот, таа го позајмила, бидејќи не можела да го подигне од инсулинските аптеки во Скопје од каде вообичаено го зема.

„Не ми се случило досега да немам инсулин, во моментот имам, но уште за некој ден и ме фаќа паника.  Месечно примам по шест инсулински пенкала, а последен пат зедов на 12-ти февруари и тоа ми траеше еден месец. Кога отидов во аптека во март, ми рекоа дека нема, па позајмив од мајка ми која исто така е дијабетичар. Мојот инсулин се вика инсулин комб, но гледам луѓе се жалат и за други“, споделува Татјана за ММС.

Нашата соговорничка вели дека шеќерната болест е подмолна и ако не се прима редовно соодветната терапија, може да се случат компликации.

-Ако човек почне еднаш да се боцка со инсулин, речиси 100 проценти се шансите дека нема да престане до крајот на животот.  Проблемот е што шеќерот „шета“, затоа го викаат „тивок убиец“. Кај пациентот може да се јави замор или тахикардија, а ако не се прима навреме потребната терапија може да се случат компликации на срцето или на бубрезите – вели нашата соговорничка, која редовно оди на ендокринолог во поликлиниката „Букурешт“.

„Настрана од тоа што не сум вакцинирана, иако одам секој ден на работа, немам страв од пандемијата во смисла на моите редовни прегледи. Тоа што треба да го правам како контрола, го правам.  Добивам термин за преглед кај ендокринологот  и тогаш влегувам кај него“, додава Татјана.

Тешката достапност до инсулинска терапија деновиве е актуелна тема меѓу пациентите со шеќерна болест. Сепак, тие се солидализираат и прават позајмици меѓу себе, што го потврдуваат и од Сојузот на здруженијата на дијабетичари.

Претседателот на Сојузот, Диме Велев смета дека државниот систем не треба да ја дозволува ваквата пракса, односно дека надлежните се оние кои треба да го решат проблемот.

„Во секој недостиг на инсулини, дури и деновиве, лицата со дијабетес се ретко хумани лица и без проблеми разменуваат, односно се споделуваат инсулини без разлика на местото на живеење или пак возраста. Сето тоа го вршат на лични сметка, без никакви барања или условувања. Важноста на солидарноста и свестноста на лицата за дијабетес заслужува особено признание и благодарност. Но, тоа не смее системот да продолжи да го толерира, односно не смее да се дозволи недостиг на инсулини“, посочува Велев во изјава за Македонски медиа сервис. Самиот тој е исто така дијабетичар и исто како и нашата соговорничка Татјана, веќе седум години е со инсулинска терапија.

Според Велев, целосната достапност на инсулин не е доведена во прашање, но од декември ланската година постои недостиг на оваа терапија во инсулинските депоа односно аптеки. Особено погодува недостигот на инсулински пумпи кои се користат од страна на детските пациенти – додава тој.

Инаку инсулините, иглите за аплицирање, лентите и глукомерите, пациентите во земјава ги добиваат бесплатно. И покрај моменталната тешка достапност, има периоди кога инсулините се достапни во соодветна количина, за разлика од лентите, глукомерите и иглите кои се далеку од потребите на лицата со дијабетес – потенцира Велев.

„Нашата терапија се подигнува во инсулинско депо/аптека во соодветното место не живеење, тоа значи секое лице мора да оди и да ја подигне терпијата. Меѓутоа, ние се трудиме во вонредни услови и кога временските услови се лоши, лицата кои живеат во поодалечени рурални места да ја добиваат терапијата дома благодарение на здравствените служби, но и преку волонтерите во здруженијата, со цел овие лица да не изложуваат на опасности“, вели првиот човек на Сојузот на здруженија на дијабетичари. На почетокот на месецов тие исконтактирале со Министерството за здравство, од каде им посочиле дека делумниот недостиг инсулини, игли, ленти и глукомери се должи меѓу другото, и на актуелната пандемија со ковид-19.

„За недостигот на инсулини, нам изворните причини не ни се познати. Службените информации кои ги добивме од Министерството за здравство говорат  дека има зголемено побарување на инсулини за време на пандемијата со ковид-19  заради потреби на пациентите заболени со тешкиот вирус, потоа дека поради отежнатиот транспорт низ Европа се случувало одложено пристигнување во државата, а секако овде е и одложената тендерска постапка, која заврши при крајот на март годинава“, објаснува Велев.

ММС ги контактираше здравствените власти, кои го одрекуваат она што во своите сведоштва го тврдат нашите соговорници. Дека до инсулин периодов тешко се доаѓа поради недостиг во соодветните аптеки, тврдат и други пациенти кои дебатата на оваа тема ја водат на социјалните мрежи. Од Министерството за здравство сепак, ни изјавија дека во сите инсулински аптеки е доставена потребната количина.

-Од почетокот на пандемијата до денес, Министерството за здравство се погрижи да во секое време терапијата за пациентите со дијабетес биде навремено доставена до сите инсулински аптеки низ државата и истата биде достапна за граѓаните. Влијанието на пандемијата во однос на тековните набавки е одамна надминато, а потребните количини се доставуваат во континуитет, редовно и регуларно на територијата на целата држава. Во одреден период доколку некаде имало недостаток тоа било поради техничката достава на залихи кадешто за многу кратко време истата е спроведена – наведуваат од ресорното министерство.

Во меѓувреме, лицата со дијабет се исправени и пред низа други предизвици за чие решавање се борат преку своите здруженија.

-Измината година испорачавме приоротетни 5 барања за лицата со дијабетес, во однос на достапност на најсовремена иноватовна инсулинска терапија, за целосни прегледи кај специјалистите вклучително и лабараторија и дополнителен преглед кај специјалист за најризчиен коморбидитет, потоа за воведување на референтна цена за набавка на глукомери за квалитетно менаџирање на дијабетесот, а највисоко приоритетно е конечно 500 деца и адолесценти да добаваат сензори односно системи за континуирано мерење гликемија. Секако не ја исклучуваме едукацијата и активности за превенција од дијабетес – истакнува Велев.

Додека од Министерството за здравство тврдат дека пациентите за разлика од пред неколку години, сега добиваат најсовремена инсулинска терапија со сертификат за проверен квалитет, самите пациенти бараат да се усвои и Национален План за справување со дијабетес.

Тие предлагаат ваквиот документ да се иконпорира во Генералната стратегија за справвање со незаразни болести, со што веднаш би се поставиле конкретни акции од надлежните клиники како и останатите вклучени страни за справување со дијабетесот.

 

Фото:  Илустрација / Freepik

Вања Мицевска