ОЈО Кочани: За „насилство врз дете“, кривични за девет лица, приведени три лица – ММС
ММС

Објавено на: 04/14/21 3:10 PM

ОЈО Кочани: За „насилство врз дете“, кривични за девет лица, приведени три лица

Кривична пријава заработија девет лица за ,,насилство врз дете“, приведени се три лица, а извршен е службен разговор со 20 лица, за случајот во Кочани, кој предизвика силни реакции во јавноста,  Десeт годишно дете е претепано за кражба во населбата „Трајаново Трло “ во Кочани, а инцидентот имаше и продолжение во текот на ноќта на 11 април. Кривична пријава најави и Здружението на правници Роми Скопје а насилството го осуди градоначалникот на Кочани, Николчо Илијев.

Тој категорично демантира поврзаност на инцидентот со  протестот на жителите од „Трајаново трло“ против изградбата на типски куќи за социјално загрозени семејства кои истакнаа и транспарент „Само преку нас мртви“. Инцидентот е поврзан со секојдневните кражби во оваа населба, за што имаше мирни протести а со кои што се бараше заштита на имотите на жителите од постојаните кражби, тврди градоначалникот.

„Во врска со случајот со насилство врз дете во Кочани, за што постои и снимен материјал што се споделува на социјалните мрежи, ОВР Кочани ја известува јавноста дека во координација со ОЈО Кочани ќе биде поднесена кривична пријава за кривично дело „насилство врз дете“, а идентификувани се девет лица, со кои е извршен службен разговор и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава,“ информираат од СВР Штип.

По преземени мерки утврдено е дека настанот се случил на 11.04.2021 околу 20 часот во Кочани, кога малолетникот бил забележан во двор на една од куќите во населбата.

„ОВР Кочани презема мерки и за расчистување на останатите инциденти кои следеле во текот на вечерта. Во координација со ОЈО Кочани до сега се приведени А.Н. , Н.Н. и А.В., а извршен е службен разговор со 20 лица. По целосно расчистување и документирање на настаните ќе бидат поднесени соодветни пријави“ информираат од Полицијата.

Во врска со видео што се споделува на социјалните мрежи, а на кое се гледа како лице со пиштол и нож упатува сериозни закани, СВР Штип ја информира јавноста дека веднаш се преземени мерки за утврдување на идентитетот на лицето од видеото, при што утврдено е дека се работи за А.И.(36) од Кочани, татко на детето  врз кое на 11.04.2021 во место викано „Трајаново трло“ беше извршено насилство од страна на повеќе лица.

foto-prt sc

„ Од преземените оперативни мерки дојдено е до сознание дека А.И. не е на територијата на Република Северна Македонија  и се преземаат мерки и активности за негово обезбедување. За настанот е запознат Јавен обвинител и се работи на писмено документирање, по што ќе биде поднесена соодветна пријава,“ се додава во информацијата.

Жителите од  населбата „Трајаново трло“ веќе подолго време реагираат на бројните кражби, а бидејќи надлежните институции, според нив не презеле никакви мерки за да ги заштитат нивните имоти, сами организират ноќни патроли.

На снимката која беше објавена на социјалните мрежи се гледа како жителите на „Трајаново Трло“ физички малтретираат малолетно 10 годишно дете кое наводно го фатиле во кражба.

Кочанскиот градоначалник во изјава за ММС вели дека земањето на правдата во свои раце, не е решение.

„Генезата на случувањата е во непреземањето на мерки на време од страна на надлежните институции што резултираше со излегување на работите од контрола“.

Со секојдневни кражби се соочуваат и општинските институции во градот, со што се прават огромни штети на јавното добро, додава градоначалникот Илијев.