Перез останува претседател на Реал до 2025 година, Рамос позитивен на Ковид-19 – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/21 7:50 PM

Перез останува претседател на Реал до 2025 година, Рамос позитивен на Ковид-19

Едно е сигурно, тлото во Мадрид никогаш не мирува. Досегашниот претседател на „кралскиот клуб“, Флорентино Перез, ќе остане на функцијата во еден од најголемите светски клубови и во следните четири години.

Можеби и најуспешниот претседател во историјата на Реал Мадрид, старо-новата ера ќе ја започне во негов препознатлив стил, налик оној од 2009 година кога во шпанската престолнина пристигнаа Кристијано Роналдо и Кака. Опсесијата на Перез со создавање на уште една „Галактикос“ генерација се поврзува исклучиво со едно големо име, Килијан Мбапе.

Претстојното лето Реал Мадрид ќе се обиде со сите сили да го доведе Французинот на „Сантијаго Бернабеу“, иако тоа ќе биде практично невозможна мисија со оглед на финансиската ситуација на клубовите и повеќе од 200-те милиони кои ПСЖ ќе ги бара за неговите услуги.

Другата, непријатна вест која пристигнува од таборот на мадриѓани се врзува со името на Серхио Рамос. Капитенот неодамна поради мускулна повреда мораше да отсуствува еден месец од терените и да го пропушти четвртфиналниот дуел во ЛШ против Ливерпул и „Ел Класико“  и токму кога се очекуваше шпанскиот репрезентативец да се врати во првиот тим на Зинедин Зидан, „ладен туш“.

На последните ПЦР тестирања пред возвратниот меч со Ливерпул, Серхио Рамос бил позитивен на Ковид-19. Од клубот соопштија дека Рамос ќе се повлече во изолација, следејќи си сите здравствени мерки и протоколи. Дали некогашниот дефанзивец на Севиља ќе биде во строј и од помош на францускиот стратег во круцијалниот дел од сезоната, останува да видиме.