Манасков со Веспрем повторно го освои купот на Унгарија – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/21 6:18 PM

Манасков со Веспрем повторно го освои купот на Унгарија

Екипата на унгарски Веспрем ја започна „бербата“ на трофеи во оваа натпреварувачка сезона, победувајќи го единствениот вистински домашен ривал ПИК Сегед во финалето на Унгарскиот Куп со 28:26.

Без присуство на публика, финалниот турнир е одигран во Зигетсентмиклошу, а таму тимот скроен за покорување на ракометна Европа повторно го врати пехарот во своите ветрини, откако во кампањата 2018/19 ПИК Сегед ја прекина нивната десетгодишна доминација, а лани поради пандемијата на коронавирусот првенството и куп натпреварувањето беше откажано.

Во поприлично очекуван тесен меч, избраниците на поранешниот тренер на скопски Вардар, Давид Дејвис, на седум минути при крајот на дуелот се одлепија на плус четири (24:20) и рутинирано го приведоа финалето кон својот победнички крај.

Нашето репрезентативно крило Дејан Манасков, постигна само два погодоци, а кај освојувачите скорерски се истакнаа Јахиа со шест, односно Ненадиќ и екс-пикерот на Вардар, Мораеш, со пет погодоци.

Кај поразените Каспарек со пет и Радивојевиќ со шест гола беа на врвот на листата на стрелците.

 

 

 

Фото:

balkan-handball.com