Богдановиќ бара помош од антикорупционерите: Општината има почнато постапки, по кои никој не постапува – ММС
ММС

Објавено на: 04/13/21 11:04 AM

Богдановиќ бара помош од антикорупционерите: Општината има почнато постапки, по кои никој не постапува

Нетранспарентноста и отсуството на јавноста во донесувањето на плановите за Центар во 2012-та година  резултираше со донесување на ДУП-ови кои не се усогласени со ГУП-овите, изјави денеска претседателката на Комисијата за спречување на корупцијата, Билјана Ивановска. Таа и градоначалникот на Центар, Саша Богдановиќ одржаа заедничка прес конференција откако вчера тој во телевизиско гостување посочи дека ако нема правни механизми, Општината ќе мора да го издаде одобрението за градба за проектот кај „Холидеј ин“.

„Укажувам на улогата на општинските советници кои се гласот на народот,  тие треба да се ослободени од какви било влијанија. Брзата одлука на Уставниот суд за укинување на одлуката на Општина Центар за неспроведување на Деталниот урбанистички план  остава простор за размислување кои се причините за вака приоритетното прифаќање  на иницијативата за укинување на оваа одлука“, истакна Ивановска порачувајќи дека градоначалникот треба да размисли пред да ја донесе одлуката за дозвола на Планот.

„ДКСК постапуваше по повеќе предмети поврзани со овој спорен ДУП и со продажбата на локацијата и дадовме препораки и укажување за можните ризици од корупција и влијанија на сопствениците врз планерите при подготовка на Планот. Поради правни недоречености и  спори одговори на надлежните институции, овој План не е под суспензија. Го охрабрувам градоначалникот да ги испита сите можности за да го стави Планот под суспензија  и  да не донесува одлука за дозвола за градење за План кој не е во согласност со Генералниот урбанистички план“, додаде Ивановска.

Таа ги повика надлежните институции да постапуваат кординирано и да го земат предвид стручното мислење на професионалците, во насока на вредностите за унапредување на животната средина.

Богдановиќ пак, смета дека единствен начин да се спречи градењето е мораториумот, но со одлуката на Уставниот суд, Општината веќе нема ингеренции за тоа. Затоа локалната власт сега бара помош од антикорупционерите.

„Вчера имавме онлајн состанок и разговаравме со  членовите од Антикорупциска за одредени предмети и ситуации поврзани со ДУП-овите и бараме поддршка за одредени процеси кои Општина Центар ги има почнато. Ако се вклучат институциите кои се занимаваат со можни сомнежи за корупција, ќе ни помогнат во борбата. Побаравме одредени информации кои ги чувме во јавноста за одредени места и локации за кои се почнати спорови, но сакаме и да дадеме некои предмети за кои се почнати  претставки. Ако се решат тие предмети, значително ќе се измени ситуцијата на одредени локации. Ако се докаже дека на некое место имало незаконско оттуѓување, спорна продажба на земјиште, незаконски акти, доаѓа до поништување на тие акти и враќање на првобитната состојба која ние сме ја затекнале“, изјави Богдановиќ.

„Со Обвинителството се отворени некои предмети, но тоа не е доволно. Сметам дека со членовите на Антикорупциска ќе докажеме одредени незаконски работи од минатото, кои денес ги гледаме како последица. Најважно ни е процесите да бидат јасни и чисти и да се знае каде се направени прекршувања  и кој ќе сноси одговорност за нив“, изјави градоначалникот повторно укажувајќи дека веќе не смее да се носи мораториум и поради тоа мора да се вклучат и другите надлежни институции.

Одговарајќи на новинарско прашање на кои институции мисли, тој посочи дека тука влегува и Комората на архитекти, која како што вели, се уште не го дава тарифникот за да се почне со нови планови.

„Законот се смени, а тие често се повикуваат на Законот за урбанистичко планирање. Но токму новиот Закон е причина да се укине мораториумот. Кој ќе сноси одговорност за тоа? Општина Центар досега има донесено 8 планови, без никаков проблем или приговор. Ние  си ги менуваме плановите, но целта беше стариот да се застане, бидејќи ако некои работи се изградат, не можете да ги спречите. Законот вели дека ако нема усогласеност, не треба да има спроведување. Додека траеше мораториумот немаше реакции, кога почнаа да се бришат згради од ДУП-от, Уставен суд не’ пресече. И сега пак поднесуваме пријави, но тие што потпишувале и одлучувале, никој ништо не ги прашува“, додаде Богдановиќ.

„Дојдовме до судир со планерската куќа и затоа покренавме одредени постапки. Поднесовме пријави и за таа и за други локации, но чекаме одговор од институциите. Затоа замолуваме Антикорупциска да ни помогне тие процеси да се процесуираат. Ако се докаже тоа што го тврдиме, а за жал никој друг не мрдна нешто да направи од 2012, многу работи ќе се сменат. Донесовме мораториум еднаш, па втор пат иако не смееме. Се соочив со кривична одговорност. Сега пак јавно кажувам дека сите предмети се доставуваат до надлежни институции. Имаме неусогласен план, постапуваме по тоа. Продолжуваме со нашите постапки, но нашите работи се во рамките на нашите можности, а сега мора и другите да се вклучат.  Секој треба да си ја земе работата во свои раце. Ние како Општина Центар сме докажале, сега може да се донесе пресуда“, дециден е првиот човек на Центар.

Во меѓувреме денеска преку писмено соопштение за проектот спроти „Холидеј Ин“ се огласија и жителите на скопско Ново Маало.

Повеќе децении многу семејства живеат во услови кои не ги задоволуваат стандардите на хумано домување, дотрајани куќи, нерешено греење, калдрма и кал до колена, место за одложување на отпад на сите што ќе навратат во центарот на градот.  Изразуваме жалење што голем дел од јавноста не го разбира ова бидејќи е лесно е да се зборува од комфорни станови.  Посочуваме дека со овој проект ќе се реши проблемот на многу семејства кои, за воља на вистината, сé уште живеат во супстандардни услови како да е 19 век или биле приморани да ги напуштат своите куќи – се вели во писмената реакција на скопјани кои сметаат дека со изградбата на проектот, тие ќе добијат живеалишта достојни за 21 век.

-Откако ќе се реализира проектот, овој дел на Скопје ќе има многу повеќе зеленило отколку што на оваа локација имало во последните 50 години. Скопје е главен град и репрезент на нашата држава кој мора да се развива по примерот на светските метрополи. Веруваме дека јавноста кога ќе го види целиот проект во најголема мера и ќе го одобри, онака како што го одобруваме ние луѓето кои сме емотивно поврзани со Ново Маало, едно од најстарите скопски маала, а кое за жал иако е во срцето на градот претставува грда слика за една метропола – се додава во писменото соопштение.

Проектот кој треба да се гради спроти хотелот „Холидеј Ин“ во строгиот центар на Скопје за првпат беше презентиран преку фотографија во вчерашното издание на емисијата Топ Тема. Архитектот, Мартин Пановски соопшти дека предвидено е таму да се градат 400 станови во кои би требало да живеат 1.200 до 1.300 луѓе. Според него, не станува збор за блок згради или шеесеткатници, туку за објекти со тројно намалена катност и многу вертикално зеленило.

Архитектот тврди дека на парацелата 1.1 од 12.000 м2 дури 6.520 м2 ќе бидат зеленило. Проектот предвидува 969 паркинг места на три нивоа и целосно сообраќајно решение за движење на пешаците и возилата.

Сепак, ваквиот проект и понатаму наидува на реакции кај дел од јавноста, па веќе почна и потпишување петиција. Над 7 илјади граѓани се потпшаа на онлајн петицијата „НЕ за изградба на нехумано голем објект на паркингот пред хотел Холидеј Ин“.

„Планот за оваа локација не предвидува зелен простор од 20 отсто во парцела согласно со Законот за урбано зеленило, а несоодветно е решено и движењето на пешаците. Не се знае како ќе се обезбеди заштита на кејот на реката Вардар, односно отвореноста на реката кон просторот. Нејасно е како ќе се обезбеди движење на огромниот број возила по постојните сообраќајници“, се посочува во петицијата. Во неа се отвораат и прашањата како ќе се зачува јавниот простор и зеленилото? Дали за жителите во истата градска четврт ќе може се обезбедат пристојни услови за живот? Дали комуналните и други јавни сервиси ќе можат да ги издржат новите градби – се наведува во петицијата во која граѓаните наведуваат дека „бетонски чудовишта ќе се градат на 83.000 квадрати“.

Одговарајќи на новинарско прашање во врска со петицијата, премиерот Заев вчера изјави дека секоја реакција на граѓаните е вредна за размислување, но секако и почитувањето на законот и Уставот на државата е вреден и за размислување и за спроведување.

„Треба да се провери дали тој што го добил одобрението за градба ги исполнува законските услови. Тоа да биде согласно Законот за урбанистичко планирање од 2019 година, којшто јасно предвидува дека паркирањето се решава во рамки на парцелата, не може надвор по катни гаражи и тоа автоматски го намалува габаритот на изградбата, дека зелен простор треба да биде најмалку 20 отсто.  Ако е нарушен кој било од законите или во постапката на одобрение за градба, треба да се укине одобрението и да не се дава, а ако се исполнети законските основи треба да се искористи уставното и законското право за добивање одобрение за градба“, истакна Заев.

За потсетување, просторот кај „Холидеј ин“ е во сопственост на фирмата „МГ Фешн“ и  на Македонската православна црква преку фирмата „Обновители“. Тие веќе уплатиле комуналии од 2,4 милиони евра.

 

В.М.