Вакцинираните луѓе нема преку ноќ да станат имуни, но само со вакцина може да здивнеме – Д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија – ММС
ММС

Објавено на: 04/14/21 10:52 AM

Вакцинираните луѓе нема преку ноќ да станат имуни, но само со вакцина може да здивнеме – Д-р Александар Петличковски, директор на Институтот за имунологија

Вакцинираните луѓе нема преку ноќ да станат имуни на коронавирусот. За развивање на комплетен имунитет кај различните вакцини се потребни од 2 до 6 недели после примање на двете дози и за тоа време луѓето се повеќе или помалку осетливи на инфекција. Затоа е важно да се отежнува проширувањето на вирусот се’ додека поголем процент од населението не развие солиден имунитет. Ова во интервју за Македонски медиа сервис го објаснува првиот човек на Институтот за имунологија, д-р Александар Петличковски.

Во земјава веќе се вакцинирани над 26 илјади граѓани, но се’  уште има и скептични кои стравуват во однос на безбедноста на вакцините. Оттука, го прашвме д-р Петличковски дали се оправдани стравувањата на граѓаните од вакцинацијата и има ли некои посериозни нус ефекти кои може да се очекуваат, односно со какви компликации досега се соочиле вакцинираните?

-Колку што ми е мене познато, до денес нема пријавени сериозни несакани ефекти, освен случајот на младата девојка која беше хоспитализирана на Клиниката за хематологија, а беше успешно излекувана и испратена дома.

Какви се препораките за вакцинација на хроничнo болните, ако се знае дека во оваа група имаме огромен број граѓани и тоа со различни заболувања. Дали меѓу нив има можеби некоја хронична болест која треба да биде приоритет, а некоја поради која лицето не може да се вакцинира?

-Индикациите за вакцинирање се многу широки, односно постојат многу малку состојби за кои е потребно внимателно да се донесе одлука за вакцинирање. Токму хроничните болни се приоритетна група за вакцинирање, имајќи предвид дека кај нив може да се очекува потежок тек на болеста. Доколку човек има некоја акутна болест, или зголемена температура, некое воспаление, вакцинацијата треба да се одложи до оздравување.

Што е со пациентите со малигнитет, кои примале, примаат или допрва треба да примаат имунотерапија и хемотерапија? Хемотерапијата го компромитира имунитетот, па оттука е и прашањето дали може кај нив вакцината да има контра ефект? Дали пак, ако се вакцинира лице со имунотерапија може да дојде до збунување на имунолошкиот систем, а со тоа и некои компликации?

-И пациентите со малигни болести се меѓу најважните кандидати за вакцинирање. Во принцип, ослабен имунитет може поспоро да реагира на вакцината и вкупниот ефект од вакцинацијата да биде малку послаб отколку кај здрава индивидуа. Кај пациентите на хемотерапија, пожелно е таа да се даде во консултација со лекар, со цел да се избере најадкватното време за вакцинирање.

Во Македонија за разлика од други држави, граѓаните немаат можност да изберат со која вакцина ќе се вакцинираат. Дали според вас, АстраЗенека е добра опција, имајќи предвид дека се појавија повеќе контроверзии околу ваквата вакцина?

-Да, според мене, Астра Зенека е исто добра опција колку и сите други. Мислам дека вакцинирањето со оваа вакцина носи многу повеќе придобивки отколку потенцијални ризици. Не мислам дека вакцината на Астра Зенека е специјално ризична, затоа што слични бројки за забележени несакани ефекти се објавуваат и за другите вакцини за ковид-19, па и за други лекови кои секојдневно се користат без размислување.

Зошто некои граѓани се соочуваат со таканаречена автоимуна реакција и се јавува тромб како резултат на вакцинацијата со АстраЗенека?

-Не е познато зошто некои луѓе развиваат антитела кон специфичен протеин на површината на сопствените тромбоцити и нема тест кој може да ја предвиди таа реакција. Важно е повторно да се потенцира дека се работи за исклучително ретка појава која се забележува кај 1 човек на приближно 500.000 вакцинирани.

Постои ли ризик за некои поголеми несакани ефекти кај луѓето кои се со антикоагулантска терапија и ако да, кои се тие?

-Не. Антикоагулантната терапија не е дополнителен ризик за развивање на несакани ефекти од вакцинација. Пациентите кои примаат некаква терапија, не треба да ја менуваат пред да примат вакцина.

Дел од вакцинираните споделија дека се напиле аспирин уште по аплицирањето на првата доза. Дали е ова погрешно, или пак  е добро превентивно да се напијат аспирин? Смее ли аспирин да се зема на своја рака?

-Не се препорачува земање на аспирин на своја рака. Тоа е лек со јасни индикации кога се препишува и тоа треба да се прави во консултација со лекар.

Постојат ли некои испитувања кои треба да се направат непосредно пред вакцинацијата? Се’ поактуелни се Д-димерите, па дали треба да се испита нивното присуство, дали треба да се направи тест за антитела кои можеби телото ги создало по природен пат?

-Не се препорачуваат никакви тестирања ниту пред ниту по вакцинацијата. Доколку некој почувствува симптоми по 2-3 дена од вакцинацијата, треба да се јави на лекар кој ќе процени дали се потребни лабораториски испитувања и евентуално терапија. Светските препораки се дека дури и луѓето кои прележале ковид-19 треба да се вакцинираат и од тука, не е потребно да се анализираат ниту антитела пред вакцинација.

Што доколку  некој се соочи со здравствен проблем по првата доза доза? Дали треба да се одложи примањето на втората доза?

-Втората доза, исто како и првата доза од вакцината треба да се даде кога човек е здрав. Доколку помеѓу двете дози индивидуата се разболи, втората доза на вакцината може да се одложи до оздравување. За повеќето вакцини пропишаниот интервал помеѓу двете дози е минимум потребно време кое треба да помине за ефикасна имунизација. Тој минимум интервал може да се продолжи за неколку недели.

Дали граѓаните  кои имаат некакви алергии треба да се советуваат со алерголози, за да не се случат компликации?

-За сите вакцини важи дека потврдена сериозна алергиска реакција кон состојките на вакцината се контраиндикација за вакцинација. За повеќето вакцини, дури и најсериозни анафилактични реакции кон други неповрзани алергени (пеницилин, отров од инсекти, храна) не претставуваат пречка за вакцинирање. Секако, добро е евентуалните дилеми околу потенцијалниот ризик да се расчистат со лекар.

Кои се генералните препораки кон кои треба да се придржуваат граѓаните откако ќе се вакцинираат (во смисла на тоа да не се пие алкохол, дали треба да се земе некој лек и слично)?

-Препорачливо е да не се консумира алкохол и да се избегнува интензивен замор една недела по вакцинацијата.

Колку дена по вакцинацијата може да траат нус ефектите и што ако тие се поинтензивни? Или по колку дена од вакцинацијата може да се јават нус ефекти?  Дали граѓаните треба да се јават кај матичниот лекар или пак, да побараат совет од некој специјалист?

-Нормално и очекувано е 1-2 дена по вакцинирањето да се чувствуваат некои благи несакани ефекти. Ако тие се подолготрајни и интензивни, треба да се бара помош од лекар.

Какви се препораките за луѓето што прележале ковид-19? Дали треба тие да се вакцинираат и зошто кога веќе имаат создадено антитела?

-Во моментов, се препорачува луѓе кои прележале ковид-19 да се вакцинираат неколку месеци (3-6) по прележувањето на болеста. Со вакцината ќе се засили и ќе се продолжи имунитетот најмалку уште за неколку (6-9) месеци.

После колку време може да настане реинфекција кај луѓето кои веќе биле заразени и оздравени и дали реинфекцијата се случува  различно со два различни соја на вирусот? Дали бидејќи телото веќе го памети вирусот, може да очекуваме при реинфекција полесни симптоми?

-Шансите за реинфекција по прележана болест се многу, многу мали, практично теоретски.  Доколку и се случи реинфекција, за очекување е таа да биде со друг сој, различен од првичниот и многу веројатно е дека ќе биде со многу поблаг тек.

Иако масовната вакцинација почна деновиве, медицинските лица почнаа со вакцинација претходно, па дали веќе располагате со некакви податоци за создавањето антитела? Што кажуваат првите оценки, колку антитела се создаваат и кога почнува нивното создавање откако ќе се аплицира првата доза?

-Да, имаме сумирано податоци од првиот круг на вакцинирање на здравствените работници и тие покажуваат исклучително ефикасен одговор на вакцината кој се мери со голема количина на создадени антитела уште 2-3 недели по првата доза од вакцината.

Како вакцините влијаат на новите соеви? Српската докторка Гњатовиќ предупреди дека индискиот сој може да влијае врз антителата, какви се вашите сознанија?

-Постоечките вакцини се релативно ефикасни кон соевите кои циркулираат во светот. Нормално дека нивната ефикасност е најдобра за оригиналниот сој, но секако помагаат и за полесен тек на евентуални инфекции со нови соеви. Некои вирусни соеви ќе се поосетливи, други поотпорни на антителата создадени со вакциннација. Доколку е потребно, денешната технологија за производство на вакцини овозможува брзо прилагодување на вакцините на реалните потреби и подобро препознавање на постоечките вирусни соеви.

Каква ни е имунолошката состојба на населението и дали само суплементите од фармацевтските компании се доволни за да создадеме јак имунитет?

-Не, состојбата на имунитетот зависи од многу фактори, како генетика, исхрана, одмор, тренираност. Само суплементи не можат да ја поправат целосната слика, а ако се злоупотребуваат може дури и да наштетат.

Со оглед на темпото со кое се движи Македонија за вакцинирање, што мислите, кога се очекува намалување на мерките, па и комплетно спасување од вирусот и неговите соеви?

-До посакуваното олабавување на мерките ќе дојде кога околу 80% од населението ќе има стекнато имунитет, природно или со вакцинирање. Под претпоставка ако 30-тина проценти од населението има природен имунитет во моментот, остануваат уште околу 1 милион луѓе кои би требало да се вакцинираат за да го достигнеме прагот за колективен имунитет. Ако се вакцинираат по 1000 луѓе дневно, ќе се потребни 1000 дена, ако се вакцинираат по 10000 луѓе дневно, ќе ни бидат потребни 100 дена. Нормално дека вторава варијанта звучи многу, многу подобро.

Сведоци сме дека скоро секој ден излегува по некој нов сој. Се знае ли колку соеви досега се појавија и кој носи најстрашни последици?

-Постојат стотици различни соеви и не може да се претпостави колку нови соеви ќе се појават. Ако епидемијата трае долго, ќе се појавуваат уште многу нови соеви.

Кое е предвидувањето, кога конечно ќе ги симнеме маските, оти таа мерка е мачна, за разлика од миење раце?

-Во некои земји мерките се олабавуваат веќе деновиве. Ние не можеме да си го дозволиме тој луксуз. Веројатно летните месеци ќе донесат мало здивнување, но реална основа за олабавување на мерките ќе има кога сериозен дел од населението ќе биде имунизирано.

 

Вања Мицевска