Тоа што Владата го претставува како помош, не е помош: Индустријата за организација на настани ќе протестира се’ додека нема одржливо решение – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/21 1:01 PM

Тоа што Владата го претставува како помош, не е помош: Индустријата за организација на настани ќе протестира се’ додека нема одржливо решение

Пред колапс се компаниите од индустријата за организација на настани. Тие регираат дека нивниот промет бележи пад од 62,103 проценти за ланската година во споредба со 2019-та година. Сепак, за нив нема државна помош и поради тоа од денеска почнуваат со протести пред Владата. Вработените во оваа индустрија ќе протестираат секојдневно од 12 до 15 часот се’ до постигнување взаемно и одржливо решение.

„Ивент индустријата е најзагрозена од пандемијата. Според Централниот регистер, нашиот пад е околу 62 проценти, што значи дека две третиини од прометот во 2019 е намален. Четиринаесет месеци,  освен шесте месеци во кои добивме помош за плата, немаме друга помош од државата. Не сакаат да не’ слушнат на разговори, да одговорат на нашите дописи“, посочи денеска претседателката на Асоцијацијата на ивент индустријата (ИВАП), Маја Бабиќ. Во оваа индустрија влегуваат сите организатори на настани со публика, оние кои изнајмуваат озвучување, осветлување, луѓето што се занимаваат со продукција, па и музичарите и артистите воопшто.

„Ние бараме грантови. Во јануари до Владата доставивме издржани предлози како тоа да се спроведе. Тоа не го измисливме ние, тоа Владата го направи кон игротеките, кон дискотеките. Тоа го побаравме и за нас. Има пропишани услови и критериуми за тоа како една компанија може да добие грант. Тоа треба да е 60% намалување на приходот во 2020,  да ги има платено даноците кај државата, да докаже дека навистина работи во оваа индустрија. Има точни критериуми под кои ако сакат може да доделат помош“, изјави Бабиќ. Таа и колегите бараат државна помош бидејќи како што велат, кога секојдневно има голем број на починати, не може да се размислува за отпочнување со работа.

„Секојдневно имаме починати сограѓани, ние не смееме да помислиме да работиме, бидејќи сме одговорни. Ние сме вредни луѓе, сме си ги заработувале парите досега, но имнуизацијата е на ниско ниво, нема мерки, не сме моќни да кажеме кога би проработиле“, додаде Бабиќ.

Сепак, според податоците од Централен регистер, во оваа индустрија ниту еден вработен не е отпуштен.

„Некои од вработените во ивент индустријата немаат факултет, сме вложувале во тие луѓе, особено во компаниите што изнајмуваат опрема. Предизвик е да се задржат луѓето. Сега се наоѓаме, позајмуваме, ставаме позајмици, влечеме од стари заштеди. Ако некој ни каже за месец-два ќе проработите, тогаш ова е беспредметно, но кај нас тешко“, нагласи Бабиќ.

Од Асоцијацијата веќе имале средби во претставници од Владата, кои се согласиле дека оваа индустрија е една од најтешко понудените. Меѓутоа, наместо грантови, најавено е дека ќе има конкурс за организирање настани.

Тие создадоа свој модел – конкурс за организација на државни настани, а не знаеме кој, кога ќе може да аплицира. Знаеме дека нема да може да добијат сите компании на тој конкурс, тоа не е помош. Тоа нема да помогне на сите, туку само на одбраните и не може еден настан кој компанијата ќе го добие,  да ја покрие загубата од цела година. Се обидовме да дојдеме до некаков заклучок, не наидовме на разбирање и почнуваме на улица – децидна е претседателката на ИВАП.

 

В.М.