Во барака 16 во Град Скопје се поднесуваат даночни пријави за утврдување данок на имот. Во истата, двајца граѓани во различни месеци поднеле пријави за услугата што се нуди со два засебни купопродажни договори во кои стојат податоци за идентичен стан. Пријавите прифатени, данокот платен, Град Скопје добива двајца различни даночни обврзници за еден ист стан.
Станува збор за двајца од шестмината граѓани за кои МИА вчера откри дека се оштетени со капар од 32 илјади евра при обид за купување на стан. Покрај тоа што биле измамени за капар од 10 илјади евра, двајцата купувачи платиле и данок за промет на недвижности за истиот стан, секој засебно, во вкупен износ од близу три илјади евра, открива МИА. Да плати данок за истиот стан тргнал и третиот оштетен, кој навреме дознал за измамата и веднаш ја повлекол пријавата за утврдување на данок на промет на недвижности поднесена до Град Скопје.
Според документите во кои има увид МИА, на 24 февруари до Град Скопје е поднесена уште една даночна пријава која се заснова на договор за купопродажба на стан кој воопшто не е предмет на продажба. Еден од оштетените, во обид да купи стан, дознава дека му се продава живеалиште во кое веќе живееле луѓе кои што го имаат купено станот од првичниот сопственик преку посредништво од истиот агент.
Броевите на четирите горенаведени даночни пријави МИА ги достави до Град Скопје со прашање за потврда на регуларноста на истите, меѓутоа, до моментот на објавување на сторијата не добивме одговор.
Агентот недостапен, сопственикот прв пат слуша за договорите на кои стои неговиот потпис
МИА се обиде да допре и до агентот чии огласи сè уште стојат на огласните табли на интернет, меѓутоа, неуспешно. Неговото физичко присуство, и по пријавата, е повторно забележано пред бараката број 16 како и зградата во која се наоѓаат становите кои биле предмет на измама.
Успешна беше комуникацијата со сопственикот на становите, кој со МИА сподели дека соработувал со агентот десетина години, меѓутоа, никогаш не му дал конкретни овластувања. Како што кажа, работеле на принцип агентот да ги покажува становите и да се договара за цената која сопственикот ја кажува, за кога ќе се постигне согласност со купувачот, сопственикот да потпише и да се префрлат парите. Со што смета дека странките во овој случај, направиле голема грешка што му дале на агентот пари на рака, без потпис со физичко присуство на сопственикот, бидејќи, според него, купувачите му верувале и наседнале на ниска цена. За потписот во негово име, кој се наоѓа на договорите за купопродажба, вели дека без присуство на адвокат и нотар за да легитимира, може да се потпише кој било.
Од друга страна, од еден од оштетените дознаваме дека, освен во Министерството за внатрешни работи, за „соизвршителство“ казниво според член 22 од Кривичниот законик, го има пријавено сопственикот и во Јавното обвинителство. Приклучување кон таа пријава најавуваат и останатите оштетени.
За случајот да биде уште поинтересен, дознаваме дека еден од адвокатите чиј потпис стои на два купопродажни договори кои што се предмет на измама, уште во 2019 година, го има дадено имотот на агентот на извршител, поради тоа што адвокатот, во минатото, на агентот му издавал деловен простор за кој не му била исплатена кирија. За истиот адвокат, едно од оштетените лица во случајот тврди дека издал бланко купопродажен договор и дека знаел дека агентот измамува и други лица, а не кажал, при што најавува пријава до адвокатска комора.
МИА стапи во контакт со гореспоменатиот адвокат при што добивме одговор дека поради членот 17 од Законот за адвокатура и Кодексот на адвокатската етика, не би сакал да произлегува со информации поврзани со неговите клиенти.
Оштетените во овој случај, го товарат агентот за недвижности за измама според членот 247 од Кривичниот законик. Тие велат дека при обид за купување на стан, се измамени за вкупна сума од 32 илјади евра, при што секој засебно, оставил капар од по неколку илјади евра. Загрижени, веќе трета недела бараат институциите да преземат мерки што побрзо, со цел да се спречи моменталното и понатамошно оштетување на останати граѓани.
Среде екот на дигиталната ера, во Северна Македонија, една пријава од МВР до ОЈО патува цели две недели, а поради некоординираност помеѓу институциите, се случува државата да наплаќа данок за иста недвижност на повеќе граѓани. Останува само изгубеното време и грижите на луѓето кои што мислеле дека на пролет ќе се вселат во нов стан. Парите можеби ќе им се вратат, кога, зависи од ажурноста на институциите кои се на потег.
Поради пресумпција на невиност и заштита на лични податоци, од приказната се изоставени идентитетите. МИА продолжува да го следи случајот.