Текстилниот сектор пред колапс, доколку не се донесе петтиот пакет мерки – ММС
ММС

Објавено на: 04/11/21 9:52 AM

Текстилниот сектор пред колапс, доколку не се донесе петтиот пакет мерки

Над 6 000 текстилни работници во земјава минатата недела се испратени дома, на колективен одмор, кој ќе им трае две недели. Бизнис секторот оваа одлука, која силно одекна во текстилните градови Штип, Прилеп и Кочани ја образложија, со тоа дека немаат ниту нови нарачки од странските партнери, ниту пак државна помош во исплата на плати, која е заглавена со Собранието.

Претставникот на штипските текстилни конфекции во Кластерот за текстил, Кирил Нашков вели дека оваа е преодна фаза и се во исчекување, што ќе се случи деновиве.

– Се надеваме дека вработените ќе ги вратиме назад на работа. Секако ако остане ваква црна сликата, моја претпоставка е дека дел од вработените воопшто нема да бидат повикани назад на работа, вели Нашков за МИА.

Над половина од штипските тектилни работници се на колективен одмор. Машините во погоните стивнаа, а автобусите со работниците изминатите шест дена  во раните утрински часови и попладне не го прават сообраќајниот метеж низ штипските улици. Околу 7 000 работници работат во штипските конфекции, а според проценките на Нашков на принуден колективен одмор се околу  3 500 работници,  вработени во околу 70 конфекции. Посочува дека државната помош од петтиот пакет на мерки не е за спас на фирмите, туку е за спас на работните места во реалниот сектор, кој се соочува со низа на проблеми и неизвесност, поради пандемијата и мерките во земјите од ЕУ, од каде што им пристигнуваат и нарачките за работа.

-Цело време ние инсистираме да се зборува за спасување на работните места, луѓето тоа малку го разобличуваат и говорат за спасување на фирмите. Напротив се работи за спасување на работните места. Ако добиеме помош од Владата, веројатно многу работни места ќе бидат зачувани. Затоа што компаниите ќе бидат во состојба да го сочуваат, спасат работните места, меѓутоа ако нема помош издатоците се премногу големи, за да фирмите ги издржат, вели Нашков.

Претседателот на Организација на работодавачи, Ангел Димитров за МИА вели дека се надева оти конечно пратениците ќе помислат на народот, работниците во реалниот сектор.

-Работниците се пуштени на одмор, користат две недели од годишниот одмор за 2021 година.  Се надевам дека пратениците конечно ќе помислат на народот, а не на партиите. Во моментов немаме волшебно стапче, ова е преоден период, доколку не се донесе петтиот пакет на маерки, од компаниите први ќе си заминуваат работниците со договори на определно, а потоа ќе следи и прогласување на технолошки вишок, вели Димитров.

Кристина Ампева од „Гласен Текстилец“ вели дека уште пред две недели алармирале дека ова ќе се случи, поради политички калкулации, а најголемиот удар ќе биде врз работниците од текстилниот сектор. Апелира пратениците веднаш да го донесат петтиот пакет на мерки, оти сиромаштијата им чука на врата на работниците. Голем број од штипските конфекции ја немаат исплатено февруарската плата, а работниците останаа и без здравствено осигурување во време на пандемија.

-Она што го алармиравме минатиот период благодарение на вас медиумите, еве се случува работниците се пуштени на колективен одмор, поради недонесување на петтиот сет на мерки. Текстилните комапнии во Штип и источниот регион немаат веќе работа, ги завршија последните налози. Изминатиот викенд имавме јавувања за трансформации на договорите за вработување од неопределено на определено, бидејќи работодавачите немаат сигурност за тоа дали ќе имаат работа, нарачки наредниот месец. Затоа требаше да бидат донесени мерки, за да не се случува ова и вработените да имаа некоја сигурност. За жал политичките калкулации во Собранието си продолжуваат и тоа сето е на штета на работниците, вели Ампева за МИА.

Дарко Лазаров професор на Економскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“-Штип се согласува дека проблемите во текстилниот сектор се резултат на светската криза, која е предизвикана од пандемијата и намалување на нарачките од странските партнери.

-Во таа насока единствено нешто што може да се направи во овој момент е да се амортизираат, тие штетни ефекти е да се помогне на текстилните компании, особено на работниците и државата во таа насока апелирам да размисли и ја продолжи мерката за субвенционирање на плати во приватниот сектор, особено во најпогодените сектори, а особено во вториот квартал од 2021 година. Со тоа што ќе ја продолжи таа мерка и за месеците април и мај. Ние знаеме дека сега во петтиот пакет единствено се вклучени февруари и март, вели Лазаров за МИА.