Достоинствено како што и прилега на една музичка легенда, вчера во Сплит беше испратен Оливер Драгојевиќ, хрватскиот пејач кој остави свој печат во музичката историја на Хрватска но и регионот.
Десетици илјади граѓани со сирени, факели, бродови, авиони вчера за последен пат од Сплит го испратија нивниот музички идол. Драгојевиќ заплови кон неговата Вела Лука на Корчула. Звуците на камбаната и бродската сирена го наговестија последното патување на пејачот. Со песни, солзи и аплауз за познатиот „морски волк“ катамаранот заплови кон Корчула, а по него тргнаа стотина мали бродови кои го следеа до неговото родно место. Сцените од збогувањето на Драгојевиќ во исто време беа тажни и импресивни.
Исто така вчера се одржа и комеморација во негова чест на која присуствуваше неговото семсјтво, целиот државен врв на Хрватска и голем број негови пријатели и соработници од светот на музиката. Но не беа само тие, од најразлични страни на Хрватска пристигнуваа луѓе за да му оддадат последна почит за човекот чии песни кои во себе имаат посебна емоција знаат да допрат до секое сетило.