Пикот е зад нас, мерките да се почитуваат и да се остане дома за празниците – ММС
ММС

Објавено на: 04/10/21 7:07 AM

Пикот е зад нас, мерките да се почитуваат и да се остане дома за празниците

Мерките против ширењето КОВИД кои се избалансирани и димензионирани согласно бројките и проценетиот ризик, дадоа резултат, пикот е зад нас, ситуацијата се стабилизира, но мора да останеме максимално внимателни, да носиме маски и да држиме физичка дистанца. Особено е важно за претстојните празници да нема групирања во верските објекти и да се остане дома за да не се создаде нов кластер.

Ова е пораката што ја упати вчера министерот за здравство Венко Филипче, оценувајќи дека притисокот врз болниците засега е намален. Сепак, предупреди Филипче, доколку се случи нов кластер во верските објекти, притисокот врз здравствените установи ќе биде толку голем што ќе се доведе во прашање неговото менаџирање.

-Многу е битно сега и верските лидери да сфатат дека ситуацијата е навистина сериозна, дека епидемиолошката слика може дополнително да ја искомплицира состојбата во болниците, нешто што сакаме да го избегнеме. Би сакал да ги повикам следната недела двајцата лидери, и на МПЦ и на ИВЗ и да ги замолам да упатат апел кон верниците – да останат дома оваа година, да не се групираат во цркви и џамии, да нема служби. Многу е важно сега сите да се вклучиме, не само ние што ги менаџираме здравствените капацитети и политичките чинители, туку и верските. Ова ќе биде сериозен ризик и зависно од тоа како ќе се одвива ситуацијата со бројките, од проценката на ризикот што може да се случи, ќе донесеме одлука во следните две недели за тоа како ќе ги димензионираме мерките, рече Филипче.

Тој уште еднаш потенцира дека ништо друго нема да биде критериум за воведување какви било други мерки, освен заштитата на граѓаните.

-Имаме систем на балансирани мерки, но основните, носење маска и држење дистанца, мора да се почитуваат. Луѓето како да се опуштија. Сега сме пред големи празници. Од претходното искуство лани, видовме дека и покрај силните препораки, непочитувањето на мерките доведе до нов бран. Ако тоа се случи сега и се случи нов кластер собири во верските објекти, толку ќе биде голем притисокот во здравствените установи што ќе се доведе во прашање дали ќе може да се изменаџира. Денешните бројки се помали од вчерашните, оваа недела се помали од минатата. Мерките дале резултат, пикот од овој бран е зад нас, сметаме дека беше на 1 април, ситуацијата се стабилизира, но сепак сме многу внимателни, истакна министерот.

Тој е дециден дека справувањето со кризата дава резултати, кривата, како што нагласи, се намалува постепено, не остана ниту еден пациент без болнички кревет, а обезбедени се и близу 800 нови позиции со централен довод на кислород во државата.

Последниот КОВИД-биланс што го соопшти вчера Министерството за здравство е нови 1174 заболени, 811 оздравени и 42 починати лица. Вкупната бројка на дијагностицирани е 140.065, а направени се 4598 тестирања.

На инфективните оддели на ниво на државата се лекуваат вкупно 1699 пациенти со КОВИД. Во КОВИД-центрите има околу 300 празни болнички кревети.

 

 

 

 

МИА