Труењето со храна во текот на топлите месеци е честа појава. Едни од најголемите предизвикувачи на труење се секако бактериите, а тука на прво место се салмонелата и листеријата. Денес дознајте нешто повеќе како да избегнете труење со листерија, кои се симптомите кои таа ги предизвикува, како и што да направите за да превенирате.
Листеријата е бактерија која навлегува во организмот преку гастроинтестиналниот систем, а кога ќе навлезе се шири низ крвотокот. Произведува отрови кои ги оштетуваат клетките, а го напаѓа дури и нервниот систем, па може да предизвика и тешки заболувања како менингитис и енцефалитис. Особено е опасно доколку дојде до труење со оваа бактерија за време на бременост, бидејќи може да биде погубно за фетусот. Преносници на листеријата се домашните животни, а често може да се пронајде и во млечните производи, овошјето и зеленчукот.
Симптоми на инфекција со листерија
Инкубацијата на листеријата трае од 1-8 седмици или во просек околу 31 ден. На листеријата и се потребни од 5 дена до 3 седмици за да пристапи до сите делови на организмот како централниот нервен систем, срцето, очите итн. Лицата кои боледуваат од оваа опасна бактерија најчесто имаат покачена температура, болки во мускулите и гастроинтестинални проблеми како пролив, мачнини и повраќање. Доколку инфекцијата се прошири на централниот нервен систем, тогаш ќе се појават и симптоми како главоболка, укочен врат, губење на рамнотежата, конфузија и напади. Доколку бактеријата дојде до мозокот може да се појават симптоми слични на мозочен удар. Интересно за оваа бактерија е што доколку со неа се зарази трудница, таа ќе има многу послабо изразени симптоми слични на грип. Но, листеријата може да предизвика спонтан абортус или за жал, мртвороденче, зависно од степенот. Затоа,како најкритична група и како поизложени да се заразат со листерија дури и за 20% повеќе од останатите, се препорачува трудниците посебно да внимаваат.
Како се дијагностицира труење со листерија?
Доколку имате некои симптоми на труење со листерија, тогаш вашиот доктор е должен да ги направи сите потребни проверки за точно да може да се утврди нејзиното постоење. Доколку сте јаделе сомнителни производи или сте биле во контакт со домашни животни, а потоа ви се појавиле некои од погоренаведените симптоми веднаш за тоа треба да го известите вашиот доктор.
Има повеќе видови на антибиотици кои може да се користат во лечењето на оваа опасна бактерија, а особено треба брзо да се реагира кај бремените жени за да се заштити фетусот. Бебињата кои се заразени со листерија примаат, иста терапија како и возрасните.
Препораки за превенција од листерија
Има повеќе воопштени препораки кои треба да се почитуваат за да се избегне труење со храна. Некои од нив се:
- Сите производи од животинско потекло треба да се добро термички обработени пред да се консумираат. Ова особено важи за летните месеци.
- Секогаш треба особено да се внимава на тоа суровото месо да не дојде во контакт со зеленчукот и овошјето кои се консумираат сурови, бидејќи може да дојде до вкрстена контаминација на храната. Оваа препорака важи и за непастеризираните млечни производи, кои исто така може да ги контаминираат намирниците кои се јадат свежи.
- Редовно мијте ги рацете, ножевите и даските за сечење кога готвите, а свежите намирници добро мијте ги пред да ги употребите за исхрана.
- Некои препораки особено се ригорозни за критичните групи како лицата со ослабен имунитет и трудниците. Нив им се препорачува да не јадат виршли или било кои други месни преработки доколку не се термички обработени. Исто така, овие лица треба да избегнуваат да јадат меки сирења како фета, освен ако на нивната етикета не е наведено дека се направени од пастеризирано млеко.
Преземено од : sezahrana