Со драстичен пад на побарувачката и финансиски проблеми, се соочуваат македонските занаетчии. Во услови на КОВИД-криза, како што наведуваат, се трудат да го одржат бизнисот ликвиден и да ги исплатат тековните трошоци: закуп, сметки за струја, вода, плати,…
Според петседателот на Занаетчиската комора Скопје, Горан Ристовски, КОВИД-кризата го доведува во прашање опстанокот на секторот доколку не се изгласа законското решение за финансиска поддршка, предвидено со петтиот сет мерки.
-Занаетчиите се соочуваат со намалена побарувачка на занаетчиските производи и услуги, проблеми со одржување на ликвидноста на бизнисот, недостаток на финансии за исплата на плати и придонеси за вработените, преоптовареност со парафискални давачки, како и со сивата економија како нелојална конкуренција на легалниот бизнис. Со задоцнетиот петти пакет мерки, се соочуваме со многу потешкотии. Занаетчиите ја очекуваат најавената финансиска поддршка за плати за февруари и март, законско решение кое се уште го немаме. Често поставувано прашање е како да се издржи наредниот период без финансиска подршка од државата, истакнува Ристовски.
Според Комората, се покажа дека неопходна мерка за опстанок на многу занаетчиски бизниси е финансиската поддршка за плата за самостојните вршители на дејност и вработените во занаетчискиот сектор.
-Без финансиска поддршка за плата многу занаетчии ќе останат без финансии и нема да бидат во можност да ги одржат бизнисите активни во наредниот период и да ги задржат вработените, наведува Комората.
Соопштува и дека голем дел од занаетчиите не можат да аплицираат за бескаматните кредитни линии на Развојната банка зашто поради кризата работеа со загуби и не ги исполнуваат условите за аплицирање на повиците.
-Паушално оданочените занаетчии се исклучени како можни апликанти во повиците за бескаматните кредитни линии и тие воопшто не можат да аплицираат, истакнува Комората
Занаетчиската комора дополнува и дека измената на Законот за ДДВ за намалување на даночната стапка од 18 на пет отсто, кој беше дел од четвртиот пакет мерки за справување со КОВИД-кризата, не беше согласно барањата на занаетчиите, зашто во измените и дополнувањата влегоа многу мал број занаетчиски дејности кои не се ДДВ обврзници.
МИА