Првачињата во новата 2021/2022 учебна година ќе учат по новите наставни програми што денеска ги донесе Министерството за образование и наука на предлог на Бирото за развој на образованието (БРО). Бирото денеска соопшти дека наставните програми изминатиот период биле изработени од работни групи формирани од Бирото, составени од советници, наставници од основните училишта и универзитетски професори.
-Во текот на целиот процес на изработка на програмите, работните групи се консултираа и со експерти од области на коишто се темели новата Концепција: родовата еднаквост, инклузивноста и мултикултурализмот, како и за заштитата на животната средина, почитување и заштита на правата и слично. Целата работа на работните групи беше координирана и водена од дел од експертите кои ја подготвуваа Концепцијата за да се обезбеди усогласеност на наставните програми со Концепцијата и со сите стратегии и пристапи на настава и учење коишто се промовираат со неа, се посочува во соопштението од БРО.
Новите наставни програми за прво одделение, како што се потенцира, се изработија врз основа на Националните стандарди донесени од страна на Министерството за образование и наука во февруари оваа година, а беа подготвувани од Бирото за развој на образованието во изминатите две години.
Во програмите се наведуваат Националните стандарди, базирани на компетенции, коишто учениците почнуваат да ги стекнуваат од прво одделение, а продолжуваат да ги развиваат во наредните одделенија, пред се компетенциите кои произлегуваат од подрачјето со кое наставниот предмет има директна врска, но и трансверзалните компетенции преку кои се остварува и интеграцијата и се овозможува целосен развој на учениците.
-За секоја тема/подрачје од наставните програми се предвидени резултати што секој ученик треба да ги постигне, преку усвојување на наведните содржини и поими, а наставникот ќе ги следи и вреднува постигањата на ученикот преку дадените стандарди за оценување (кои опфаќаат најмалку четири нивоа на когнитивни постигања на учениците, согласно Блумовата таксономија: познавање, сфаќање, примена и анализа/евалуација/креирање). Стандардите за оценување ќе придонесат кон објективност и транспарентност во оценувањето и ќе им помогнат на наставниците во определувањето и оформувањето на критериуми за оценување, посочуваат од Бирото за развој на образованието.
Примерите на активности дадени во наставните програми се со акцент на активното учество на ученикот и даваат јасни насоки како наставникот треба да ги организира и реализира активностите на часот, преку експерименти, истражувања, решавање проблеми, дискусии со учениците.
МИА