Се затвора институцијата стара 75 години која во Франција обучуваше државници – ММС
ММС

Објавено на: 04/9/21 1:29 PM

Се затвора институцијата стара 75 години која во Франција обучуваше државници

Во Франција донесена е одлука за затворање на 75-годишната Национална школа за менаџмент (ENA), на која дипломираа голем број „врвни“ државници, пренесува Агенција Анадолија (АА).

Според соопштението од Елисејската палата, францускиот претседател Емануел Макрон, еден од матурантите на Школата за менаџмент, најави дека училиштето ќе биде затворено и заменето со новоформираниот Институт за јавни услуги (ISP).

Макрон, на својата средба со 600 директори преку видеоконференција, истакна дека Школата ќе биде затворена како што им беше ветено на „Жолтите елеци“ во 2018 година.

Претседателот на Франција исто така рече дека Институтот за јавни услуги кој ќе ја замени Школата за менаџмент, ќе обучува одлични менаџери, ќе ги избира и ќе ја врши класификацијата.

Во изјавата дадена на својот профил на „Твитер“, Макрон, меѓу другото рече дека Институтот ќе биде поотворен кон академскиот свет и ќе истражува на локално и на меѓународно ниво.

Националната школа за менаџмент, основана од поранешниот претседател на Франција, Шарл де Гол во 1945 година и многупати реформирана, се наоѓа во Стразбур.

По Втората светска војна, Школата за менаџмент, основана за да ги собере административните елити од сите сегменти на општеството, започна да се критикува поради тоа што запишуваше ученици само од повисоките социјални слоеви.

Дипломирани студенти на училиштето се четворица француски претседатели, вклучително и Макрон и неговите претходници Франсоа Оланд и Жак Ширак, и осум премиери, меѓу кои и сегашниот премиер Жан Кастекс и неговиот претходник Едуард Филип.