Интензивирање на економската соработка и утврдување на начините како тоа да се направи, беше една од темите на кои што разговарале градоначалникот Сашко Николов и амбасадорот на Руската Федерација во Македонија, Сергеј Баздникин, кој денес беше во посета на Штип.
Во прилог на продлабочување на оваа соработка веќе биле реализирани неколку состаноци со претставници од Локалната самоуправа и амбасадата на Руската федерација, информираше штипскиот градоначалник Сашко Николов.
„ Штип како град на текстилната и кожарската индустрија, мора да најде начин каде нашите стопанственици ќе ги пласираат своите производи и како да обезбедат работа а со тоа и плата за своите вработени. Веќе идната недела, ќе ги соберам стопанствениците од градот, за да најдеме начини за соработка со Руската Федерација. Потоа ќе реализираме нова средба со советникот на амбасадорот, а ќе формираме и Форум меѓу општината и Федерацијата , преку кој ќе се обидеме да најдеме начин за интензивирање на соработката меѓу штипските стопанственици и Руската федерација,“ информираше Николов.
Според амбасадорот на Руската Федерација, Сергеј Баздникин и покрај ограничувањата кои што Пандемијата со короновирусот ги наметна, соработката меѓу Руската федерација и Македонија успешно се развива.
„Трговската размена меѓу двете земји во 2020 година се зголеми за 18% додека увозот забележа раст од 22%. Убеден сум дека може да биде и подобро. Со правилен пристап потенцијалот на билатералната-трговска размена може да биде исклучително голем. Од руска страна постои голем интерес за производите од македонските текстилни производи и обувки,“
потенцира амбасадорот Баздникин.
Тој напомена дека освен во економијата голем потенцијал на соработка има и во образованието и таква соработка воспостави Универзитетот Гоце Делчев .