(ВИДЕО) Мбапе недопирлив за европскиот шампион, Челзи рутинирано против Порто во Севиља – ММС
ММС

Објавено на: 04/8/21 3:24 PM

(ВИДЕО) Мбапе недопирлив за европскиот шампион, Челзи рутинирано против Порто во Севиља

Втората вечер во 1/4 финалето од Лигата на шампионите беше целосно во склад со ова елитно фудбалско натпреварување и квалитетот кој тоа го нуди години и години наназад. Во Минхен и Севиља фудбалот беше достоинствен за тежината што оваа завршна фаза од кампањата 2020/21 ја носи, проткаен со експлозивност, директност и возбудливост.

Мечот кој го одбележа „првото полувреме“ од четвртфиналињата се одигра на „Алијанц Арената“, каде што ланските финалисити од ЛШ повторно се сретнаа меѓусебно во обид да го потврдат својот статус, или да расчистат стари сметки.

Парижаните синоќа беа поим за ефикасност. Четири шутеви во рамките на голот, три постигнати погодоци. Баерн ја имаше статистиката, напаѓаше, повеќе од 20 пати го тестираше Кејлор Навас, но на крајот загуби. Порозната одбрана на Баварците и отсуството на Роберт Левандовски се чини дека го зедоа данокот.

Килијан Мбапе откако ја сруши Барселона, тргна и по европскиот владетел. Додавањето на Нејмар во третата минута од дуелот инстантно беше претворено во гол. Бразилецот во 28-та минута, во ситуација кога најголемиот дел од фудбалерите би проиграле до најблискиот соиграч, со „послабата“ лева нога од „никаде“ го пронајде капитенот Маркињос. Дефанзивецот на ПСЖ ја надмудри одбранбената линија на Баерн и во зицер ситуација го матираше Мануер Ноер.

При крајот на полувремето замената за Левандовски, Чупо-Мотинг, одлично се движеше во петерецот и со одмерен удар со глава го совлада феноменалниот Костариканец помеѓу стативите.

https://www.youtube.com/watch?v=21Udiu33sW8

Германците не се откажуваат никогаш, па така Милер во 60-тата минута изедначи на 2:2. До целосен пресврт тимот на Ханси Флик не можеше да дојде и беше спречен од дуото Навас-Мбапе. Осум минути подоцна, 22-годишниот Французин ја „измеша“ целата одбрана на германските шампиони и го постави конечниот 2:3 отворен и возбудлив резултат.

Во вториот дуел одигран на „Рамон Санчез Писхуан“, каде што Порто номинално го угости Челзи, Англичаните рутинирано и искусно обезбедија победа од 0:2 пред реваншот за пет дена на истиот стадион.

https://www.youtube.com/watch?v=nfPgoDJEtOk

Челзи отвори коректно пред Порто да ја преземе мини-иницијативата и преку Урибе да се обиде да го загрози голот на Едуар Менди. Периодот на Португалците од дваесеттина минути добро трчање и солиден пресинг на туѓа половина, го пресече Мејсон Маунт во 32-та минута по додавањето на Жоргињо. Англискиот репрезентативец убаво со тело го измами својот чувар и шутираше во подалечниот агол на Марчесин.

Темпото кое го наметнаа португалските шампиони во вториот дел во голема мера исчезна. Екипата предводена од Томас Тухел преку пас игра го чуваше себично водството и ја чекаше трпеливо шансата. Таа пристигна во 85-тата минута по грешката на одбраната на Порто, а Бен Чилвел во стилот на Фернандо Торес од „Ноу Камп“ пред девет години, го издрибла голманот и го оконча крајниот скор.

Победникот од двомечот Порто-Челзи во полуфиналето ќе се соочи со подобриот од двојката Реал Мадрид-Ливерпул, додека пак подобриот од Баерн Минхен-ПСЖ место во финале ќе бара преку Манчестер Сити или Борусија Дортмунд.

 

 

 

Фото:

Twitter / @KMbappe

д.ј