(Видео) Со една четка одгледав три деца – Веле Саздовски од Илинден е чувар на традиционалните занаети – ММС
ММС

Објавено на: 04/12/21 9:51 AM

(Видео) Со една четка одгледав три деца – Веле Саздовски од Илинден е чувар на традиционалните занаети

Мојот дедо ми рече „синко, работи од се по малку“,  со овие зборови 65-годишниот Веле Саздовски од скопското село Илинден,  кој е чувар на традицијата и на занаетчиството, ја започна својата приказна.

Чичко Веле, како што го нарекуваат, е самоук мајстор, изработува традиционални дувачки инструменти како кавали, зурли и гајди, а за својот талент вели дека му е даден од Бога.

„Се што ќе допрам го претворам во дело“, се пошегува тој.

Покрај талентот за изработка на традиционални ин трументи, чичко Веле е самоук и во музицирање, односно доволно му е само да го слушне тактот на некоја песна и во истиот момент може да ја отсвири.

За музички талент мајстор Веле раскажа интересна анегдота.

– Одиме во едно село по невеста со музика и ора и на сакасфонистот му велам дај да пробам. Го земав саксафонот засвирев и сите ги оставив без зборови. Музичарот воодушевувачки ми рече- па ти си знаел да свириш?! Мене тоа ми годеше, добив комплимент од него, но и од присутните, а јас прв пат допрев саксафон,.

Мајстор Веле кавалите и зурлите ги прави од јавор, но претходно, вели тој, дрвото  се обрабтува на специфичен начин.

– Инструментите ги правам откако дрвото ќе биде подготвено за изработка. Зурлата ја правам за два ипол дена, а кавалот за седум дена. Кога ќе го подготвам дрвото за зурла лии кавал, инструментот го мачкам со зејтин, додaва тој.

Во време кога занаетите изумираат, мајстор Веле е среќен што во ова модерно време помладите генрации се заинтересирани и за зурла, кавал или гајда.

– Ми нарачуваат и музичари од тука и странци, но и млади луѓе кои сакаат да научат. Кога еден  музичар ќе дојде да го види инструментот, веднаш го препознава квалитетот. Добро се заработува од овој занает. Сега малку  е сопрено поради пандемијата, но да се надеваме дека сето ова ќе заврши, вели чичко Веле и додава дека покрај кавалот, зурлата, има и друг талент, знае да изработи и гајда, за која вели дека му треба еден месец за да биде готова.

Во домот на семејството Саздовски традицијата многу се почитува, дури и најмладите членови на ова семејство е задоено со традицијата на нашите корени. Радоста, смеата и добрата македонска песна е секојдневие за ова работничко семејство, па така на семејните прослави Веле заедно со својата сопруга знаат да засвират за своја душа.

– Мојата ќерка има завршено музичко училиште и заедно со неа и со сопругот малку по малку почнаа да ме учат, и сега можам да кажам за своја душа знам да засвирам на семејните дружби со мојот сопруг, вели Лепа Саздовска.

Освен љубовта кон инструментите, Веле има и уште еден талент, а тоа е сликарството. Дарбата за сликање ја искристил во цртање  икони во цркви и манастири.

– Почнав да сликам од 1975 година. Имам насилкано многу икони во неколку цркви низ скопската околина, но и низ Македонија. Моментално работам во црквата во скопското село Граманци, открива Веле.

За себе вели дека е зограф кој не завршил ниту еден од четирите факултети потребни за оваа професија.

– За да бидеш зограф мораш да имаш четири факултета, а јас немам ниту еден. Ама мене сето тоа ми е во глава. Прво треба да го имаш талентот за сликање, второ да познаваш теологија, потоа треба да знаеш историја на уметноста со археологија. Не можеш да земеш црква од нула, како сега што е случај во селото Граманци кај што сликам и јас. Целиот процес го водам од нула и затоа треба теологијата да се знае. Зошто точно мора да се знае од која точка треба да почне целиот процес на сликањето на иконите. Сликањето се црта со посебни бои со пигменти, сега и со акрил се работи. Старите цркви се оксидни, мора да го знаеш ѕидот што содржи. Има ѕид со камен, ѕид со обична цигла, има сега и блокови и поради тоа мора да се вклопи материјалот за да не се уништи од влага, од топлина, но и ако е тенок ѕидот многу брзо го напаѓа високата и ниската температура и поради сето тоа мора да знаеш како да се усогласи за да не дојде до уништување на сликите, објаснува Веле.

Чичко Веле раскажа дека љубовта кон сликањето на икони му ја васадила неговиот дедо, уште кога бил мал.

– Од мојот покоен дедо ми е идеата да бидам зограф. Неговиот совет од тоа време ми остаа врежан во главата. Дедо ми ме советуваше по примерот на еден познат зограф во тоа време, Димитар кој работел со неговата сестра во Бугарија. Јас сум од село и дедо ми постојано ме носеше со него да пасеме овци,  да не сметам дома. Го прашав дедо ми, што е добро да се работи, а тој ми одговори, синко од се по нешто исто како татко ти. Татко ми исто така беше занаетчија и држеше десет села. Имавме ковачки дуќан и во сите села тој им ги коваше коњите, воловите и магарињата. Им ги правеше секирите, теслите им изработуваше маси столови. Во тоа време по селата немало маси, јаделе на земја. Се уште чувам некои од алатите од тоа време, вели тој.

Од советот на дедо му, Веле сфатил дека не треба да се моли на никого и да не чека од никого, туку се што може сам да си направи.

– И дедо ми тогаш ми рече не брзај, ќе ти ги кажам работите, се уште си мал. Стани зограф, на бугарски паметњак, тоа ти е најчиста работа, но ќе мора да знаеш како се работи. Прво ме советуваше дека морам да ги знам вредностите. Да го почитувам Бога, но и да ги почитувам сите вредности кои треба да ги поседува еден човек. И поминаа години, а мојот дедо ми ја откри тајната како да се слика. Мојот дедо постојано ме гледаш додека цртав и ме поправаше таму каде што ќе згрешев, вели Веле.

Неговото прво дело кое го нацртал била иконата Света Петка, на што е посебно гордо

– Отидов да однесам една слика кај покојниот отец Теодосиј и ми рече „Чедо имаш златна рака, ова да го работиш“. Јас тогаш имав 24 години. Мирече: „Ти си уште млад, ќе си ги земеш сите книги од богословието од библиотека“.  И самиот тој ми ги даде сите книги кои ги имаше. Јас во тоа време работев во Железара, одев од прва до трета смена. А од трета смена дирекно одев во библиотека, објасни тој.

Семејството Саздовски целото е талентирано. Кога Веле треба да црта во црква ја носи и неговата сопруга Лепа и двете ќерки, кои му помагаат за да може побрзо да се заврши работата.

– Јас се качам на скеле од шест метри, а ако нешто згрешам Веле е тука да ме поправи, низ смеа вели сопругата и додава дека е горда на него бидејќи со една четка успеал да одгледа три деца, вели сопругата Лепа.

Веле раскажа дека има и мал чирак, тоа е неговиот внук Матеј,  кој е трето одделение и кој верно ги следи стапките на својот дедо.

– Мојот внук слика заедно со мене,  му давам четка и знае одлично да ме следи во работата, вели тој.

Чичко Веле никад ене се рекламира. Вели дека за неговиот талент и занает се дознава од човек на човек, но и од црквите со кои соработувал.

-Доброто и лошото секогаш се шират, така и со овој занает. Ако лошо работиш сите ќе знаат, ако си добар исто така ќе те дознаат. Затоа ние уживаме во животот, си седиме дома си правиме инструменти, си свириме и штом додјде пролет знаеме да замнеме во нашата викндица кај Катланово, рече на крајот Веле.

Весна Петровска

ФОТО: Ванѓел Тануровски