Во Бразил научниците идентификуваа нов тип коронавирус (Ковид-19), комбинација од 18 претходно неидентификувани мутации, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според информацијата во бразилскиот весник „О Глобо“ (O Globo), експертите од Федералниот универзитет во Минас Жераис (UFMG) и Секторот за истражување и развој на групацијата „Пардини“, откриле нов вид на Ковид-19 – комбинација од 18 мутации.
Вирусологот од Федералниот универзитет во Минас Жераис (UFMG), Ренато Сантана, истакнувајќи дека е рано да се каже дека откриениот вид се шири побрзо или дека е посилен, рече: „Важно е да се знае дека има карактеристики слични на постојните видови во Бразил, но има и нови карактеристики. Како да е развиен од постојните видови.“
Изјавувајќи дека луѓето кај кои е откриен овој вид не патувале во странство, Сантана рече дека треба да се направи истражување за да се утврди кога и каде се појавил овој вид.
Бразил, јужноамериканска земја со повеќе од 210 милиони жители, е земјата најпогодена од епидемијата Ковид-19, по САД.
Оваа земја минува низ тежок период бидејќи во последните недели се исполнети капацитетите на одделенијата за интензивна нега и забележана е појавата на варијантата П1, чие ширење е поинтензивно, а за која се смета дека се појавила во бразилската сојузна држава Амазон.
На 7 април во земјата за првпат во текот на 24 часа како последица од Ковид-19 починаа над 4.000 лица.
Досега од Ковид-19 животот го загубија повеќе од 340.000, додека вкупниот број позитивни на коронавирусот се искачи на 13,1 милион.