ЦУК освен од себе, бара одговорност и од МВР, Брзата помош и од градоначалникот на Кратово за случајот со починатиот сточар – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/21 2:42 PM

ЦУК освен од себе, бара одговорност и од МВР, Брзата помош и од градоначалникот на Кратово за случајот со починатиот сточар

„Во овој момент можам да кажам дека Комисијата константираше дека од оперативецот на ЦУК во Кратово не е побарано хеликоптер и не е известена Дирекцијата за заштита и спасување. Тоа е кршење на оперативните процедури и за истото ќе се даде дисциплинска постапка. Поради целосно расветлување на овој настан, одговорноста која постои и кај нас, ќе ја бараме и на други места“, изјави директорот на Центарот за управување со кризи, Стојанче Ангелов во врска со случајот со починатиот сточар од кратовското село Емирица.

Центарот за управување со кризи бара пропусти и одговорност со цел да ги отстрани аномалиите во решавањето на проблемите, а доколку се утвррди одговорност во случајот со сточарот во кратовско, ќе биде покрената дисциплинска постапка.

“Поднесовме формални барања до Министерствата за здравство, за внатрешни работи и до локална самоуправа да ни одговорат на прашањата. Здравство треба да ги објави протоколите за работа при ваква ситуација и да каже дали лекарскиот тим од брзата помош имал комуникација со ЦУК и што им било одговорено. Нашиот оперативец презел дејствија. Ги известил МВР, противпожарната единица, ја известил локалната самоуправа и барал возило од шумското и од ЕВН. Моментот дека се прогласил за ненадлежен е спорен. Зошто од локалната власт не било испратено теренско возило и зошто не се ангажирани дополнителни сили? Зошто градоначалникот не побарал ангажман на републичките сили за спасување иако по закон требало да го направи истото? Зошто не се ангажирани ресурсите на противпожарната единица во Кратово? Побаравме одговори од МВР зошто од страна на полициските службеници не било теренско возило и зошто од страна на нивните надредени не бил побаран хеликоптер?“, додаде Ангелов.

Според информациите досега, од страна на кратовската полиција била испратена понуда до екипата на брзата помош да бидат пратени неколку млади полицајци до болното лице, но биле одбиени од тимот на брзата помош.

“Не интересира и деталниот извештај за содржината на разговорот на лекарската екипа со полициските службеници. Јас овде сум директор на ЦУК само четири месеци. Средувањето на овој процес на средување на системот на справување со кризи ќе потрае и јас не бегам од реформи во овој систем“, рече Ангелов.

О.К.