Шансите за преживување да не зависат од тоа кој има повеќе пари: Хелсиншкиот комитет со препораки по повод Денот на здравјето – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/21 3:10 PM

Шансите за преживување да не зависат од тоа кој има повеќе пари: Хелсиншкиот комитет со препораки по повод Денот на здравјето

Да се стави крај на профитерството во време на пандемија – побара денеска преку писмено соопштение Хелсиншкиот комитет за човекови права.  По повод Светскиот ден на здравјето, оттаму испратија низа препораки до надлежните, имајќи предвид дека во екот на овој, трет пандемиски бран секојдневно има висок број на заболени, хоспитализирани и починати:

– Државата да воспостави регулативна рамка за утврдување на лекувањето поврзано со COVID-19 кое граѓаните го покриваат со лични средства во приватните здравствени установи, по примерот на определениот максимален износ за плаќање на учество со лични средства (партиципација) во јавното здравство во согласност со Ценовникот на здравствени услуги на Фондот за здравствено осигурување.

– Предлагаме Фондот за здравствено осигурување да склучи договор со сите акредитирани лаборатории за здравствената услуга PCR тест за утврдување на присуство на вирусот SARS-CoV-2 или да овозможи покривање на трошоците односно нивно рефундирање.

– Очекуваме Фондот за здравствено осигурување да склучи договори со сите лаборатории за здравствените услуги кои се блиску поврзани со следењето и проценката на здравствената состојба на пациентите со COVID-19, согласно утврдената пракса и медицината базирана на докази.

Во услови кога здравствената криза е пропратена и со силни економски и социјални последици за граѓаните, приватните здравствени услуги од илјадници евра не можат да се сметаат како овозможен пристап за ползување на ова човеково право. Уставот на Република Северна Македонија, на секој граѓанин му го гарантира правото на здравствена заштита. Уставно загарантираното право на здравствена заштита значи дека секој поединец има право на пристап до здравствените услуги потребни за неговото здравје – велат од Хелсиншкиот комитет.

Според невладината, здравствената заштита мора да гарантира еднаков пристап за сите, без дискриминација врз основа на финансиската состојба, местото на живеење, видот на болеста или времето потребно за пристап до здравствената заштита.

Поединецот што бара третман, а не е во можност да ги плати трошоците за третманот, има право да биде ослободен од тие трошоци – се додава во соопштението.

Хелсиншкиот комитет ја повикува Владата во најбрз можен рок да преземе мерки во однос на соодветното регулирање на работата на приватните болници во услови на криза на начин што ќе им даде согласност да згрижуваат болни од COVID-19 само на оние приватни болници кои склучиле договор со ФЗО, како и да преземе иницијатива за соодветно регулирање на цените за здравствени услуги во приватните здравствени установи и да стави крај на профитерството во криза од вакви размери.

Да не дозволиме систематско кршење на правото на пристап до здравствена заштита со што шансите за преживување ќе зависат од тоа кој има повеќе пријатели и пари за да може да го спаси својот и животот на најблиските – апелираат од невладината.

Пандемијата на COVID-19 ги извади на површина сите проблеми во здравствените системи на државите, но како што денеска потенцира Европската  федерација на синдикатите од јавниот сектор, една од главните научени лекции е дека јавното здравје и грижа треба да се заштити од комерцијализација и приватизација и дека никој не треба да прави профит од пандемијата. Покрај оваа порака до ЕУ и до земјите членки, EPSU апелира за обезбедување вакцини за сите луѓе на светот преку зголемено производство и ,,одрекување’’од правата на интелектуална сопственост врз вакцините,  зголемување на инвестициите во здравството и социјалната заштита, како и подобра заштита и работни услови за работниците во овие сектори – се додава во денешното соопштение.