Веројатно најдобриот поединец во екипата на Манчестер Сити, Кевин Де Брујн, го продолжи договорот со „граѓаните“ на уште две години. Белгиецот ќе го носи дресот на Сити до 2025 година и ќе се обиде конечно на „Етихад“ да го донесе долгопосакуваниот трофеј од Лигата на шампионите.
-Не можам да бидам посреќен. Откако пристигнав во Сити во 2015 година се чувствувам како дома. Ги сакам фановите, моето семејство одлично се адаптираше во Манчестер и јас ја променив мојата игра и се развив овде многу добро. Овој клуб е жеден за успех. Ми нуди многу работи и јас треба да ги максимизирам моите перформанси и затоа не се двоумев воопшто за продолжувањето на договорот. Пеп и јас на ист начин го гледаме фудбалот, врската со менаџерот е многу важна за мене бидејќи целта ни е иста и сакаме исти работи, изјави Де Брујн за клупскиот сајт на англискиот клуб.
Белгискиот репрезентативец и поранешен играч на Челзи, пред пет ипол години пристигна во Манчестер Сити од редовите на Волфсбург и оттогаш освои две премиерлигашки титули, еден трофеј во ФА Купот и четири Лига Купови.