(ВИДЕО) Винисиус Џуниор конечно пристигна, Реал со два гола предност ќе патува за Ливерпул – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/21 12:31 PM

(ВИДЕО) Винисиус Џуниор конечно пристигна, Реал со два гола предност ќе патува за Ливерпул

Само три работи на светот се сигурни: плаќање данок, смртта и манифестeриње големина и квалитет на Реал Мадрид во Лигата на шампионите. Ако нешто научивме во сиве овие години следење европски фудбал, тоа е лекцијата за непотценување на „кралскиот клуб“, но и по ново – непотценување на тренерот што дури трипати го крена популарниот „ушко“, Зинедин Зидан.

До реваншот на „Енфилд Роуд“, за Реал Мадрид можеме да зборуваме со многу епитети. Можеби и полесно од очекувањата, мадриѓаните на заменскиот „Алфредо Ди Стефано“ го совладаа англискиот првак со 3:1, во натпревар во кој старите искусни рутинери Модриќ и Крос го контролираа темпото и одлучуваа „кога“ и „како“. Ливерпул со резервната стоперска двојка Филипс-Кабак, исто како и Реал Мадрид со Милитао-Начо (Рамос е недостапен за францускиот стратег поради мускулна повреда, додека пак Варан е позитивен на Ковид-19), не успеа да оддолее на нападите на брзоногиот Винисиус Џуниор и Карим Бензема.

https://www.youtube.com/watch?v=TW7kdKj9FGw

Младиот Бразилец се чини дека конечно пристигна во Реал Мадрид и сумата исплатена за него на Фламенго конечно се оправдува. Винисиус за првпат во белиот дрес се запиша во листата на стрелците двапати, во моментите кога всушност и беше највеќе потребно. Во отсуство на повредениот Хазард и „големата неисполнета дупка“ по заминувањето на Роналдо во нападот на Реал, бразилскиот интернационалец ја презеде одговорноста и на својот тим му донесе одлична предност од два погодоци пред реваншот во Англија следната седмица.

Тимот на Зидан не губеше време. Од самиот старт Реал тргна сигурно и напаѓачки, недозволувајќи му на опонентот да се спои со топката и да ја развие добропознатата директна игра од претходните години. Супер-триото на чело со Касемиро, одлично го искористи неуспешниот експеримент на Јурген Клоп со Наби Кеита и ги покажа сите слабости на средниот ред на гостите на синоќешниот дуел. Клоп брзо ја призна грешката и уште пред крајот на полувремето го замени некогашниот фудбалер на Лајпциг со Тиаго Алкантара, но впечатокот е дека таквиот излет скапо го чинеше Германецот.

Хируршки точниот пас од својата половина на Тони Крос, од страна на Винисиус Џуниор беше максимално валоризиран. Бразилецот прво фудбалски зрело ја прими топката, а потоа во стилот на најдобрите светски шпицови го матираше сонародникот Алисон Бекер. Нецели десет минути подоцна, Марко Асенсио ја протна топката во мрежата на Алисон и Реал веќе имаше водство од 2:0 над екипата која ја порази во финалето во истото натпреварување пред три години.

Воведот од вториот дел ни донесе малку рехабилитиран Ливерпул и погодок за екипата од Мерсисајд. Дефанзивците на Реал по шутот на Џота повеќе беа фокусирани со гестикулации кон линискиот судија барајќи офсајд, отколку кон маркирање на египетскиот репрезентативец. Салах во 51-та минута го намали резултатот и даде надеж дека сепак Ливерпул е во Шпанија пристигнат по полуфинале. За полуфинале ќе почекаат, барем уште една седмица, бидејќи Винисиус Џуниор во 65-тата минута ја врати предноста од два погодоци и по вторпат беше кобен за Алисон.

Реал на „Енфилд Роуд“ уште еднаш ќе настапи без Рамос и Варан, но позитивно за „кралевите“ е потенцијалното непланирано враќање на терените на Еден Хазард. Во таборот на Ливерпул ситуацијата останува непроменета. Ван Дајк, Џо Гомез и Џордан Хендерсон веројатно ќе ги нема до крајот на тековната сезона.

Во вториот меч од вторничката програмата од Лигата на шампионите, Манчестер Сити потешко од општото мислење и прогнозите ја победи Борусија Дортмунд со 2:1 и остави простор за изненадување во Германија. За домаќините стрелаа Кевин Де Брујн и Фил Фоден, додека пак за гостите Марко Ројс постигна важен гостински гол.

Вечерва од 21:00 се среќаваат Порто и Челзи на неутрален терен во Севиља и Баерн Минхен и Париз Сен Жермен.

 

 

Фото:

Тwitter

д.ј