Сто проценти плата за сите работници заболени од ковид-19: МЗЗПР со иницијатива до Уставен суд – ММС
ММС

Објавено на: 04/7/21 9:29 AM

Сто проценти плата за сите работници заболени од ковид-19: МЗЗПР со иницијатива до Уставен суд

Македонското здружение за заштита при работа (МЗЗПР) испрати иницијатива до Уставниот суд за утврдување на законитоста и уставноста на точка 408 од Правилникот за професионални заболувања (Сл. Весник РСМ бр. 118/20).

Здружението бара од Уставниот суд да ја поништи оваа одредба и да се донесе нова со која секој работник кој работи на работни места, каде во согласност со Законот за Безбедност и здравје на работа е утврдено постоење на зголемен ризик за заразување со САРС-КоВ-2 вирусот и/или појава на болеста ковид-19, во случај на инфекција или заболување,  да може да ги оствари своите уставно загарантирани права за безбедна работа и еднаквост.

„Целосно поддржуваме лекарите и целиот медицински персонал, како и ветеринарскиот и друг помошен персонал и во иднина да ги остваруваат своите права при заболување од ковид-19 како професионална болест, како што е сега утврдено. Но, многу е важно конечно да бидат прифатени предложените измени со цел обезбедување на уставно загарантираните права на сите работници, односно признавање на ковид-19 како професионално заболување за секој работник во земјата. На овој начин секој вработен, наместо досегашните 70% ќе оствари право на боледување со надомест во висина од 100% од својата плата. Ваквиот пристап е многу важен, особено во време кога се бориме за зачувување на секое работно место и егзистенција за секој граѓанин“, истакнува Милан Петковски, претседател на МЗЗПР.

Здружението во својата иницијативата до Уставен суд истакнува и дека сите останатите професии, кои се на првиот фронт на одговор во текот на целата оваа пандемиска криза (полициски службеници, припадници на Армијата, вработените во детските градинки и образованието, вработените во домовите за грижа на стари лица, службеници на шалтери, работници во малопродажба итн.) се изоставени од оваа одредба, со што се врши нивна дискриминација и им се оневозможува користење на нивните права како работници.

Истовремено, следејќи ги актуелните законски одредби од Законот за пензиско и инвалидско осигурување, МЗЗПР покрена и иницијатива за признавање на  инфекцијата со САРС-КоВ-2 вирус и/или појавата на акутна болест Ковид-19 кај секој работник кој работи на работно место со зголемен ризик за инфекцијата и/или заболување, истото по автоматизам и веднаш да биде регистрирано како несреќа на работа.

Ако ова се прифати, истакнуваат од најстарото здружение за заштита при работа,  привременото отсуство од работа (боледувањето) тогаш ќе биде третирано како  „несреќа на работното место“ и работникот ќе оствартува надоместок на плата во износ од 100% од износот на платата, за цело време на траење на боловањето.

Регистрацијата на инфекцијата и/или болеста ковид-19 како несреќа на работа, овозможува во понатамошниот период, доколку дојде до трајно влошување на здравствената состојба со последици по работна способност (пост-ковид, долготраен ковид и други форми на трајни здравствени последици), работникот да може, без други законски, административни и стручни проблеми, да го остварува правото на професионална болест, онака како што е тоа  утврдено во Законот за пензиско и инвалидско осигурување и изменетиот Правилник за Листата на професионални болести.

„Следејќи ги законските одредби и практиката во областа на безбедноста и здравјето на работа кај нас, неопходно е час поскоро да се направи (пре)оценка на ризикот на работните места и во Изјавата за безбедност на работодавачот да се дефинираат оние, каде постои зголемен ризик за инфекција со новата биолошка штетност САРС-КоВ-2 вирусот и појава на Ковид-19. Тоа произлегува и од директивата на ЕУ од јуни минатата година, како и од препораките и политиките на Меѓународната организација на трудот, Светската здравствена организација и Европскиот центар за контрола на заразните болести.

Истовремено, работниците по прележаниот Ковид-19, веднаш по нивното враќање на работното место, неопходно е да бидат упатени на насочени медицински прегледи, а при тоа да биде (пре)оценета нивната работна способност по болеста. Ова е исклучително важно да се направи индивидуално, за секој работник посебно, особено доколку кај него се јавиле одредени ограничувања поради кои не е во состојба да ги исполнува работните задачи на работното место каде бил распореден пред заболувањата. Првенствена цел на оваа мерка е да се заштити здравјето и психо-физичкиот интегритетот, но и социјалната сигурност на секој претходно заболен работник.

– Потсетуваме, дека за оваа цел веќе ја изработивме првата национална методологија за проценка на ризик и утврдување на ковид-возраст кај професионално експонираните работници. Како алатка за пресметка на оваа т.н. ковид-возраст во јавна употреба веќе е пуштен и ковид-калкулатор –  посочува претседателот на МЗЗПР, Милан Петковски.

Инаку, првата ваква иницијатива МЗЗПР до Владата и другите надлежни институции ја даде уште на 14.5.2020 година. До сега, поддршка на оваа иницијатива дадоа и Конфедерацијата на Слободни Синдикати, Сојузот на Синдикати на Македонија, Здруженија на граѓани од областа на трудовото право, како и лекарите по медицина на труд и бојни инженери, стручни лица за безбедност при работа.