Национална конференција за клима: Влогот во попаметното греење е влог во јавното здравје – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/21 1:56 PM

Национална конференција за клима: Влогот во попаметното греење е влог во јавното здравје

Со попаметното греење можеме да ги ублажиме климатските промени, велат познавачите на состојбите кои денеска учествуваа на средбата на тема „Можности за попаметно греење“, во рамките на Националната конференција за клима.

Министерот за локална самоуправа, Горан Милевски упати апел до институциите, но и до граѓаните заедно да се вклучат во можностите за алтернативни решенија. Тој истакна дека е треба да се подобри состојбата со загадувањето на воздухот поради загревање домовите на некои локации во земјава.

„Ги охрабрувам сите општини и граѓани кои имаат идеи и проекти кои се во фокус на загревање на домовите во принципот старо за ново паметно да ги искористат, општините во своите идни програми и заложби да им биде приоритет, а граѓаните што повеќе да аплицираат за можностите кои се нудат“, порача Милевски и додаде дека минатата недела е донесена 10-годишната Стратегија за регионален развој 2021-2031 година во која особено внимание е посветено на обезбедување кохерентност на целите, приоритетите и мерките со начелата и приоритетите на „Европскиот Зелен Договор“ и на Зелената Агенда за Западен Балкан.

Александар Мацура, основач на РЕС фондацијата, која анализира и дистрибуира знаење за создавање политики во енергијата и климатските промени базирани на научни факти и главно дејствува во Србија, Западен Балкан и Југоисточна Европа, ја нарече Македонија лидер во регионот за зелената агенда.

-До крајот на годината сакаме да спроделиме повеќе информации за замена на греењето и да помогнеме во намалувањето на воздухот што е регионален проблем. Според нашите проценки, околу 3 милиони уреди користат тврд извор за греење во регионот. Мора да размислуваме за тоа кои се можностите за замена. Македонија е една од водечките земји за одредени промени. Ние исто така анализираме и што е тоа што ги плаши луѓето за промена, која е нивната перцепција. Мора да обезбедиме повеќе средства за замена на грејните тела и фокус да се стави на енергетски сиромашното население – рече Мацура.

Давор Пехчевски од „Еко-свест“ се осврна на големиот проблем од загадувањето на амбиенталниот воздух и на воздухот во домаќинствата. Фосилни горива, дрва (влажно дрво, стари печки), дрвени производи (пластифицирана иверка, медијапан, паркет и други лакирани дрва, итн.), високо-калорични отпадоци (пластика, гума, тетрапак, итн.) – ова се директни загадувачи на воздухот, посочи тој.

-Преку 90% од домаќинствата немаат топлинска изолација на фасадите и покривите. Загревањето со дрва преовладува во 30% од урбаните региони и 85% од руралните региони. Повеќето од овие домаќинства користат стари печки и други уреди што не само што се неефикасни, туку и се високо загадувачки. Домаќинства со приходи пониски од 9.000 денари загреваат само 25-33% од нивните домови. Преку 76% од домаќинствата што се загреваат со дрва, загреваат помалку од 50% од нивните домови – издвои Пехчевски и истакна дека кај нас нема никакви мерења и податоци на државно ниво.

-Потребен е интегриран пристап во решавањето на проблемот со загадувањето од домаќинствата – рече тој.

Маја Камбовска, координаторка на кампања за централно загревање при „Бенквоч“ се осврна на актуелните трендови за современи решенија за загревање. Таа објасни дека околу 8 отсто од вкупното население во Македонија користи централно греење. На биомаса (претежно дрво, а помалку пелети) се греат околу 62% од население, уреди на електрична енергија – 29%.

-Треба да се ориентираме кон проекти од помал обем кои се полесни за реализација. Систем на централно греење не може да ги опфати сите, секогаш е потребно да се планираат и индивидуални решенија. Мора да постои волја на властите, особено локалните власти, за имплементирање современи решенија, а д се вклучи повеќе и локалното население. Имплементација на технологии од четврта генерација базирани на ОИЕ, во комбинација со амбициозни мерки на енергетска ефикасност, е долгорочен и комплексен процес – категорична е Камбовска.

За позитивните практики во секторот на греење и можните мерки за поддршка се осврна проф.д-р Александар Дединец, научен соработник при МАНУ. Тој истакна дека проблемот со загадувањето е од поодамна, но и дека интересот за надминување на овој проблем расте во последните години.

-Кога се обидов да видам во јануари во различни години каков е интересот за пребарување за загаден воздух, забележав дека во периодот од 2006 до 2012 ниедна вест не е објавена по овој клучен збор. 2013 се појавуваат првите вести и тоа за други градови во светот, во 2014 имаме протести, за сообраќајот главен виновник, во 2015-та веќе влегува во политичката агенда и кај нас. Во Македонија немаме голем избор за ресурси за загревање – изјави Дединец.

Досегашните истражувања, посочи тој, покажуваат дека најголем процент од загадувањето е резултат на греењето.

-Од истражување што го направивме, дојдовме до податок дека дури и семејства во општината Центар користат јаглен. Мора строго да се забрани користењето на јагленот и на огревното дрво, а да се зголеми централното греење. Загадувањето во Скопје е заеднички проблем. Потребно е граѓаните да се вклучат во овој процес, да се најдат инвеститори и можности за субвенционирање, да имаме поголема вклученост на донаторите. Не треба да ја префрламе вината еден на друг– додаде Дединец.

Претставници од Град Скопје се осврнаа на позитивните резултати од субвенционирањето на граѓаните со печки на пелети и со инвертор-клими. 7429 семејства биле помогнати во изминатите пет години, рече Ирина Шентевска. Нејзиниот колега Никола Јовановски зборуваше за соработката со градот Нирнберг, со кој заедно ќе се спроведува проект во кој оџачарството ќе помогне за подобрување квалитетот, преку оспособување на оџачарите кои треба да бидат контролори на домаќинствата и ќе даваат совети за начинот на греење.

Националната конференција за клима, која ќе трае до 9 април, ја организираат „Еко-свест“, CNVP и Движењето на еколозите на Македонија.

 

Фото:  Илустрација / Freepik