Приклучокот на природен гас на домаќинствата ќе чини до 100 евра, РКЕ нема влијание врз цената на струјата во земјата, изјави Бислимовски – ММС
ММС

Објавено на: 04/6/21 11:38 AM

Приклучокот на природен гас на домаќинствата ќе чини до 100 евра, РКЕ нема влијание врз цената на струјата во земјата, изјави Бислимовски

Во следниот период следува избор на јавен-приватен партнер за развивање на дитрибутивната мрежа на природен гас во целата држава, а две турски компании веќе пројавија интерес. Од јавниот-приватен партнер кој ќе ја развива дистрибутивната мрежа ќе биде побарано да обезбеди соодветни и евтини кредити кои ќе овозможат на домаќинствата да ја заменат инсталацијата на рати на повеќе години, додека пак самиот приклучок на дистрибутивната мрежа на природен гас за домаќинствата нема да чини повеќе од 100 евра, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

-Радува и фактот што нови домаќинства се приклучени на дистрибутивните мрежи за природен гас, особено во Струмица и помал број во Куманово. Во следниот период следува избор на јавен-приватен партнер за развивање на дистрибутивната мрежа во целата држава. Ја посетивме Регулаторната комисија за енергетика на Турција со цел да се споделат нивните искуства. И оттаму две компании пројавија интерес. Тендерскиот услов ќе биде најниската понудена цена за приклучок на природен гас, односно не повеќе од 100 евра по приклучок. Очекуваме од новиот јавен-приватен партнер да обезбеди и соодветни евтини кредити кои ќе им овозможат на домаќинствата да ја заменат својата инсталација на рати на повеќе години, како што е пракса во телекомуникациските компании, најави претседателот на РЕК.

Во 2020 година за првпат откако е започната гасификацијата во Македонија има рекордна потрошувачка на природен гас. Во однос на 2019 година, потрошувачката изминатата година е зголемена за 12,5 отсто, додаде претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимовски.

Годината 2020 е година во која за првпат откако започна гасификацијата воземјата има рекордна потрошувачка на природен гас. Во 2020 година потрошувачката изнесува 338 милиони нормални метри кубни. Ова е пред сè поради тоа што имаме зголемена потрошувачка на погенеративните производи. Во индустрискиот сектор потрошувачката е зголемена за 43 отсто, а пад од 11 отсто на користење на природен гас бележиме кај металната индустрија која беше најпогодена поради берзанските намалувања. Вкупно во 2020 година потрошувачката е зголемена за 12, 5 проенти во однос на 2019 година, вели Бислимовски.

Во однос на поскапувањето на електричната енергија, Бислимовски изјави дека ниту една компанија не побарала засега поскапување, но и дека РКЕ единствено определува цена за пренос и дистрибуција на електрична енергија и нема никакво влијание на цената која ја определува ЕСМ.

-Ниту една компанија не побарала поскапување на цената на електричната енергија. Регулаторната комисија за енегетика определува цена за пренос и дистирбуција на електрична енергија. Набавката на универзалниот снабдувач ја обезбедува ЕСМ и не е во надлежност на РКЕ. Од сево ова, РКЕ при определувањето на крајната цена на електрична енергија за сите потрошувачи, влијае на само 38 проценти, додека на останатите 62 нема никакво влијание, рече Бислимовски.

Од страна на РКЕ е изработена првичната верзија на новата методологија за определување на цените за дистрибуција на природен гас на мрежи кои ќе се градат од почеток. Целта е да се гарантира цената на гасот и да се прави контрола во првите години од работењето.

 

 

 

д.ј