Француски министри под истрага затоа што јаделе во тајни ресторани – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/21 1:34 PM

Француски министри под истрага затоа што јаделе во тајни ресторани

Во Франција е покрената истрага поради наводи дека министри и други официјални лица јаделе во тајни ресторани, што е во спротивност со рестриктивните мерки воведени поради пандемијата со коронавирусот.  Рестораните во Франција се затворени уште од октомври како една од мерките за спречување на ширење на коронавирусот, а од канцеларијата на париското Обвинителство соопштија дека вчера е отворена истрага поради можно загрозување на здравјето, но и поради работа на црно – пренесе новинската агенција АП.

На видеото кое беше емитувано од француската мрежа М6, непознат маж изјавува дека два или три пати јадел во тајни ресторани со бројни министри од француската влада. Членовите на владата веднаш негираа дека постојат такви ресторани, а министерот за внатрешни работи Жерар Дермањин побара полицијата да ги истражи ваквите наводи.

Портпаролот на владата, Габријел Атал за LCI TV изјави дека официјални лица со месеци ги испитуваат извештаите за тајни ресторани и дека се идентификувани околу 200 лица кои треба да бидат казнети.

„Министрите се обврзани да бидат беспрекорни и да бидат пример за останатите“, додаде Атал. Обвинителството денеска соопшти дека истрагата продолжува и покрај фактот што мажот кој зборува на видео снимката, ја повлекол својата изјава.

Рестораните во Франција се затворени од  октомври за да се спречи ширењето на вирусот. Во земјата на сила е и ново делумно заклучување, бидејќи одредени единици за интензивна нега се преполни со пациенти со ковид-19.

Фото:  Илустрација / Freepik

Извор:    rtv.rs