ССНМ: МВР да го расветли случајот во кој полициски службеник попречил новинарка во работата – ММС
ММС

Објавено на: 04/5/21 1:00 PM

ССНМ: МВР да го расветли случајот во кој полициски службеник попречил новинарка во работата

Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) го осудува, како што наведува во соопштение, вчерашниот однос на полициски службеник во Велес врз новинарка на порталот дума.мк за време на извршување на нејзините професионални обврски и бара од Министерството за внатрешни работи (МВР) да го расветли случајот.

– Новинарката Стефани Манева во неделата попладне (4 април), како што стои во реакцијата на порталот, излегла на терен за да ја покрие железничката несреќа кај мостот „Гемиџии” во Велес, во која товарен воз прегази човек. Во еден момент и пришол униформиран полициски службеник од СВР Велес додека Манева собирала информации за немилиот настан, ѝ го одзел мобилниот телефон и ги избришал двете фотографии што ги направила за илустрација на веста. ССНМ смета дека ваквото однесување на полициски службеници е недозволиво, посебно поради тоа што новинарката јасно се лигитимирала и кажала дека е на работна задача, стои во соопштението.

Затоа, нагласуваат од ССНМ, бараме остра и ефективна реакција од надлежните кон полицискиот службеник кој ја оневозможил новинарката на дума.мк да ја извршува својата работна задача.

– ССНМ силно протестира против ваквите инциденти, бидејќи спречување на работата на новинарите и медиумските работници е напад и врз слободата на изразување и правото на информирање на граѓаните, велат од ССНМ.

 

 

 

 

Извор:

mia.mk