Човечкиот живот за некои од нас нема цена, а за некои не вреди воопшто, вели Павле Зафиров, кој веќе три години е доктор во Брза помош во Здравсвениот дом во Кратово. Тој на својот Фејсбук профил изнервиран од неажурноста на институциите, детално опиша случка, кога пред неколку дена спасувале човек во кратовското село Емирица, до кое води црн стрмен пат, а кога се обратиле за помош до институциите, никој не им помогнал иако тоа е нивна должност.
ММС го контактираше д-р Зафиров, кој по објавата на Фејсбук, уште повеќе се изнервирал, бидејќи неговиот пост не го сватиле како апел до институциите, туку како настан за дневно политички препукувања.
-Емирица е кратовско село, кое многу далеку и до него од Кратово се оди по каллив и стрмен пат, затоа кога го добивме повикот за помош одевме преку Пробиштип и Злетово, па до браната, бидејки до тука има асвалт. Потоа продолживме по земјен и со кал и снег пат. Не ни кажав во постот колку пати заглавивме по патот и кои се маки ги тргавме додека да стасаме до пациентот. Селото е распрскано и мислам дека првите соседи му се преку еден рид, вели д-р Зафиров, кој на прашањето како е сега пациентот ни рече:
-Како лекар не можам да го споделам проблемот на човекот, ниту можам да кажам каква му е здравствената состојба во моментов. Јас и немав намера да напишам ништо, ова се случи пред неколку дена, но денес многу се изнервирав, едноставно ми дојде и излезе од мене. Ме изнервира што на една телевизија за случајов велат дека маж залутал, што воопшто не е точно. Извинете ама информацијата треба да се пресене правилно. И не ми е мене проблемот од сега, причината да го извадам овој револт од мене сега е што ми се собира овие 30 години. Навистина мене нервозата не ми е од сега, јас чувствувам револт за тоа што институциите 30 години не си ја работат работата, ама редно е веќе и фер е институциите да си го работат она што се наменети, ни рече д-р Ззафиров и додаде:
-Се надевам дека ова нема да биде дневно политички маскембал, мене целта не ми е некого да прозивам, сум ги напишал во моментов луѓето што се на функција, но одговрноста е и на тие што до сега биле на функции и што утре ќе дојдат на овие функции, вели докторот.
А низ што се поминал д-р Зафиров додека обидувал да спаси човечки живот и со каква долгогодишна нефункционалност на државата се соочува еден лекар, кој мора да спасува човечки животи и во најруралните предели во земјава може да се види во неговиот пост, во кој меѓудругото вели:
„Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места во Општина Кратово. Околу девет часот утрото заедно со медицински техничар и шофер, придружувани од сестрата, внукот и кумот на внукот на лицето, се упативме во планината. По поминати околу три-четириесетина километри возилата ни заглавија во соспите снег по што моравме да продолжиме пеш. После повеќе од час и половина одење низ екстремно стрмниот и непристапен терен, бидејќи патот до куќата не беше прооден, стигнавме до имотот на лицето.
Затековме трогателна ситуација. Лицето беше паднато на патеката која од неговата куќа води до трлото во кое одгледува значителен број овци кои во овој период од годината се јагнат и мораат да бидат проверувани секоја вечер. За некое чудо, лицето после поминати повеќе од 12 часа на поларна температура во снегот беше сеуште живо, за разлика од овцата која најверојатно имаше излезено да ја врати во трлото по јагнењето. Го имаше најдено неговата 90 годишна мајка која немајќи сила да го крене поминала цела ноќ покрај него обидувајќи се да го загрее, за да во утринските часови, иако не знае да ракува на телефон, успее да се јави на сопствената ќерка и да побара помош.
Го внесовме во куќата и му пруживме прва помош, но како што секогаш бива, една несреќа не оди сама. Сфатив дека ситуацијата е многу посериозна (иако и самото измрзнување е сериозна состојба која најчесто бара хоспитализација) и дека човекот очигледно има и некоја друга подлежечка состојба која треба да се испита во болнички услови.
Од тука почна нашата вистинска голгота. Поради непристапноста на теренот немавме можност (барем тогаш така мислев) да го однесеме човекот до нашиот џип. Решивме да се обратиме за помош кај сите институции во нашата општина. И замислете, секаде каде што се јавивме или пративме некого да праша ни беше речено дека не можат да ни помогнат. Противпожарната единица не можела, Центарот за управување со кризи не бил надлежен, колегите од ЗД Кратово се јавувале и во полициската станица, но искрено не знам што им било речено, а од Општина Кратово и на личниот број на градоначалникот, не не удостоија ни да ни кренат слушалка.
Оставени сами на себе и без никаква помош, ги прашав неговите роднини и медицинскиот техничар дали се спремни на раце да го изнесеме човекот до возилото, целосно свесен за ризикот во кој ги ставам нив и самиот себе и за одговорноста која ја преземам. Сепак, професијата не ми дозволува ни да помислам да не го транспортирам пациентот кој имал среќа да преживее на тој студ и снег.
Роднините најдоа колци и ќебиња од кои со свои раце зашивме носила, го замотавме во јамболии човекот и го поставивме на носилата и додатно го обезбедивме шиејќи ги однадвор ќебињата.
Ние четворицата околу пет часа го носевме на раце пациентот по козји патеки, низ екстремно стрмен предел и шума, на места затрупана со снег. Преку река и низ угорница, која ретко кој би можел да се осмели да јапомине пеш. На крајот, накај 19 часот успеавме да стигнеме до возилата и околу 20 часот да го транспортираме пациентот во Здравствен дом во Пробиштип каде дежурната екипа без збор и прашање го презеде пациентот и го однесе во Штип.
Доживеав 90 годишна мајка низ солзи и лелеци да не моли да го спасиме нејзиниот син носејќи го на грб по истите козји патеки по кои таа им носела храна на партизаните кои со крв ја изградиле денешната држава која не сакаше да му помогне на син и. Апсурдно, нели?
Јас, а се надевам и мнозинство на граѓани и граѓанки на оваа беспоштедно сурова Република, кои го читаат ова, не сакам, туку барам одговорност за конкретниот случај и очекувам конечно да почнат да се почитуваат некои правила, принципи и стандарди.
Го пишувам ова испровоциран од инертноста на институциите и нивниот однос, но и од нечовечноста на луѓето вработени во нив, надвор од секаков дневно-политички контекст, знаејќи дека ќе испровоцирам реакции кои најверојатно негативно ќе се одразат на мене, но веќе искрено не ми е гајле.
На крај да кажам дека лицето за кое некои известуваа не е залутано, туку чесен сточар кој егзистенцијата ја нашол во одгледување овци во планината, а моменталната состојба му е далеку од стабилна. Постов не е напишан за самопромоција и фалење, туку за да алармирам дека системот не ни функционира.
Колку чини човечкиот живот?
Пред неколку дена, добив повик за лице завеано во едно од најоддалечените планински места…
Posted by Pavle Zafirov on Sunday, April 4, 2021