Јапонија ја повика Армијата на Мјанмар и противниците на државниот удар да почнат дијалог за да ги решат тековните превирања, изјави јапонскиот министер за надворешни работи, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Земјата би користела санкции, „ако тие доведат до непосредно решение, но работите не се толку лесни во Мјанмар“, локалниот радиодифузер „НХК Њуз“ (NHK News) го цитира Мотеги Тошимицу во Парламентот.
Ова се случи еден ден откако Кина рече дека ја поддржува идејата лидерите на Здружението на нации од Југоисточна Азија да одржат специјален состанок што е можно побрзо за да посредуваат во Мјанмар.
Бројот на луѓе што ги загубија своите животи како резултат на вооружената интервенција на безбедносните сили врз протестите против воениот удар се искачи на 536.
„Татмадав“ (официјалното име на мјанмарската војска) кратко по државниот удар објави едногодишна вонредна состојба, покрај воспоставувањето на својот совет за водење на работите во земјата со мнозинство будисти.
Многу држави, вклучително и САД, Велика Британија и ЕУ, воведоа санкции против официјалните лица на „Татмадав“ по пучот.
Јапонскиот министер за надворешни работи рече дека не верува дека би било продуктивно да се воведат санкции само затоа што другите земји го прават тоа.
„Спротивставените табори во Мјанмар треба да водат дијалог и да истражуваат пат за решавање со меѓународната заедница која треба да ги поддржува таквите напори“, рече јапонскиот министер за надворешни работи.
Во февруари, Токио изјави дека размислува да ги запре новите проекти за развојна помош во Мјанмар за да изврши притисок врз водачите на воениот удар во оваа југоисточна азиска земја за ослободување на сите затвореници и враќање на демократијата.