(ВИДЕО) Невообичаената аналогија на Тухел поврзана со Вернер: Доколку жена не сака да излезе со вас на вечера, повлечете се – ММС
ММС

Објавено на: 04/2/21 9:17 PM

(ВИДЕО) Невообичаената аналогија на Тухел поврзана со Вернер: Доколку жена не сака да излезе со вас на вечера, повлечете се

Напаѓачот на англиски Челзи, Тимо Вернер, сезонава по доаѓањето во Англија има потешкотии во адаптацијата на играта и новата средина, а воедно и проблем со честото постигнување на погодоци. Неговата улога во Челзи под палка на два тренери значително се разликуваше, но колку и да германскиот напаѓач контрибуира во играта на неговиот тим, неретко се случува некогашниот фудбалер на Лајпциг да го промаши невозможното.

Последниот негов „зицер“ се случи токму на квалификациониот дуел за Светското првенство помеѓу Германија и Македонија. За негова несреќа, а среќа за два милиони Македонци, при активен резултат од 1:1 Вернер ја промаши целата топка.

Притисокот од јавноста и константниот нецелосно оправдан потсмев, го натерале Вернер на тренингот на клубот од западен Лондон да побара посебна индивидуална сесија од германскиот стратег, на која ќе може да вежба шутеви од непосредна близина. Тухел? Тухел во негов препознатлив стил ја одбил идејата, а зошто ја одбил, преку невообичаена аналогија објасни на денешната прес-конференција.

-Вчера на тренинг му реков дека не му треба посебен тренинг. Твоето тело и твојот мозок знаат како да постигнат гол, го прават тоа од шестгодишна возраст. Немој да се грижиш, ќе дојдат погодоците. Доколку жена не сака да излезе со тебе на вечера, не можеш сосила да ја натераш, туку ќе се повлечеш и ќе почекаш, па можеби таа ќе се предомисли и ќе ти се јави, изјави Томас Тухел.

Челзи утре го отвора 30-тото коло со ВБА во раниот саботен термин и Тимо Вернер ќе биде дел од стартната постава на „сините“, како што потврди и поранешниот тренер на Мајнц и Борусија Дортмунд.

 

 

 

 

Фото:

еurosport.com

д.ј