Ристовски: Оваа победа треба да ни даде поттик за понатаму, не смееме тука да запреме – ММС
ММС

Објавено на: 04/1/21 6:33 PM

Ристовски: Оваа победа треба да ни даде поттик за понатаму, не смееме тука да запреме

„Светот е денес црвено-жолт“, ова беше ударниот наслов на „BBC Sport“ по вчерашната спектакуларна победа на македонската фудбалска репрезентација над Германија во квалификациите за Мундијалот во Катар 2022. Момците на Игор Ангеловски се надминаа себеси, надигрувајќи го светскиот фудбалски гигант во Дуизбург и нанесувајќи му тежок пораз од 1:2. Капитенот Пандев и Елиф Елмас го матираа голманот на Барселона, Тер Штеген, по школски одиграни акции налик на оние кои „панцирите“ години наназад ги практикуваат во фудбалот.

Десниот бек на четвртфиналист во Европа Лига, Стефан Ристовски, изјави дека оваа победа е огромен успех за Македонија и треба да претставува поттик за понатаму.

-За вакви натпревари се живее. Дури сега сфаќаме каков успех направивме. Ние победивме гигант на светскиот фудбал, повеќекратен Европски и Светски шампион. Голем успех за Македонија. Ова треба да ни даде поттик за понатаму, поголема сила и не смееме тука да запреме. Квалитетот и талентот го покажавме на најдобар начин, изјави играчот на Динамо Загреб за ФФМ.

Неговиот соиграч од редовите на хрватскиот првак, Аријан Адеми, рече дека репрезентацијата е свесна за својот квалитет и капацитет за победување против големи репрезентации и дека Европското првенство ќе биде полесно во тој поглед, соочувајќи со Австрија, Украина, Холандија.

-Голема победа за сите нас. Верувавме во тоа и заслужено победивме. Кога во нешто веруваш, тогаш можеш и да го оствариш. Имаме одлична генерација. Свесни сме за нашиот квалитет и тоа е најважно за нас. За нас беше значајно да им покажеме на сите дека може да победуваме и против големи репрезентации. Мислам дека сега ќе ни биде полесно против Австрија, Украина и Холандија на Европското првенство, рече Адеми.

Македонија во групата Ј се наоѓа на втората позиција со шест освоени поени од три одиграни натпревари, веднаш позади Ерменија, а пред Германија и Романија.

д.ј