Да сме живи и здрави и да бидеме први – Ѓоко Хаџиевски вакциниран го прослави роденденот во Емирати – ММС
ММС

Објавено на: 04/1/21 11:21 AM

Да сме живи и здрави и да бидеме први – Ѓоко Хаџиевски вакциниран го прослави роденденот во Емирати

Годините се само бројка, духот е важен. Да не се изгуби амбиција за нови достигнувања, вели фудбалскиот тренер Ѓоко Хаџиевски, кој втор пат роденденот го слави далеку од дома, во Обединети Арапски Емирати, каде веќе неколку години го тренира клубот Emirates  Club UAE .

Хаџиевски, поради пандемијата веќе година ипол си нема дојдено дома, па затоа свеќите од тортата и желбите ги испрати од далеку.

-Што си посакав? Да бидеме здрави и живи, да бидеме први и да се вратам дома исполнет и горд, вели Хаџиевски, кој прв пат досега бил толку многу отсутен од дома.

Тој вели дека и таму журките се забранети, се почитуваат правилата па затоа и роденденот го прославил само со торта во клубот.

-Журки има, не се забранети, но се со голема контрола и по протокол, кој мора да биде испочитуван. Инаку, состојбата тука се смирува. Скоро 80 проценти од луѓето што живеат тука, а се околу осум милиони,  се веќе вакцинирани. Меѓутоа дисциплината за носење маски е иста. Нема никој без маска ни случајно, вели Хаџиевски и додава:

-Секако, се вакцинирав и јас пред два месеци.  Со кинеската. Овде сите се вакцинираат со кинеската вакцина. Два пати. Не сум правел уште тест за антитела, ама најверојатно имам. Овде велат дека кинеската најдолго трае. Најспоро се формираат антителата, но најдолго траат. Се подразбира дека Емиратите се многу моќни , можат да ја купат која вакцина сакаат, но ја одбраа кинеската. Значи на крајот пак се сведовме на тоа дека здравјето е најважно и желбите за здравје најпрво се посакуваат, вели Хаџиевски.