Вооружен напад врз авганистанскиот град Џалалабад – ММС
ММС

Објавено на: 07/31/18 9:38 AM

Вооружен напад врз авганистанскиот град Џалалабад

Група вооружени лица, за кои се претпоставува дека се припадници на талибанското бунтовничко движење, денеска започнаа вооружен напад врз градот Џалалабад, админситративен центар на провинцијата Нангархар во источен Авганистан.

Претставникот на локалните власти Сохраб Кадери изјави дека прво се слушнале најмалку три експлозии, по што следеле напади на непознат број вооружени лица врз неколку деловни објекти и владини канцеларии, вклучително и врз Министерството за бегалци.

Од друга страна, претставникот на властите на провинцијата Нангархар, Забихулах Земарај изјави дека станува збор за „координиран напад на талибанците“.

Тој нагласи дека нападот почнал со експлозија на автомобил бомба во близината на една болница, по што уследиле упадите на вооружените лица,

Замарај потенцира дека при нападот има жртви, но дека засега нема податоци за нивниот број.

Според него, во тек се жестоки борби меѓу напаѓачите и припадниците на авганистанските безбедносни сили.

За сега никој не презеде одговорност за нападот. Во реонот на Нангархар дејствуваат и талибанските бунтовници, но и припадници на џихадистичката група Исламска држава.

 

Извор:МИА