Џафери не може да прецизира кога законски ќе се одложи пописот кој инаку треба да почне од утре – ММС
ММС

Објавено на: 03/31/21 2:50 PM

Џафери не може да прецизира кога законски ќе се одложи пописот кој инаку треба да почне од утре

Претседателот на Собранието, Талат Џафери го вратил Предлог-законот за измени на Законот за попис до предлагачите, бидејќи како што рече имал формални пропусти. Тој денеска на прес-конференција истакна дека не може да каже дали за денеска ќе биде закажана седница за изгласување на потребата од донесување на законот по скратена постапка и оти не може да прејудицира со каква динамика ќе се одвива координацијата со пратеничките групи.

Џафери потенцира дека не бил повикан на средбата меѓу Заев и Мицкоски кога всушност се договори одлагањето на пописот, па тој сега не може наеднаш да ги донесе законските измени кои се потребни, иако пописот согласно сегашниот закон, треба да почне утре.

– Самите преговарачи кои разговараа на средбите кажаа дека можеби е грешка што не сум бил присутен на разговорите. Последиците од тајмингот не се одговорност на Собранието. Секоја одлука, неспорно политичка или меѓупартиска е погрешна пракса, но следствено треба да се следи со процедурите во Собранието. Како претседател и како Собрание ние не можеме да работиме по партиски одлуки, туку по процедури. Законот денеска ќе дојде овде, ќе се изгласа потребата од скратена постапка и ќе оди на Комисија. Јас не можам да излезам и однапред да кажам кога ќе се одржи и ќе заврши Комисијата па за да продолжам со седницата. Според предлогот кој е со Европско знаме, ќе оди и на Комисија за Европски прашања. Според роковникот, максимално може да седи на дебата два дена, јас не можам да прејудицирам кој ќе биде текот на дебатата, рече Џафери.

За пописот вчера лидерите на двете најголеми партии, СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, се договорија да го одложат поради актуелната состојба со коронавирусот.

Во однос на вакцинацијата вели дека тие како пратеници нема приоритетно да се вакцинираат бидејќи тие се дел од граѓаните, па секој ќе се вакцинира кога ќе му дојде редот.